Новата руска марка на автомобили што ќе се произведува во Саратовската област се вика Alfarus.
Како и во случајот со новиот Moskvich, и тука се работи за склопување на кинески модел, на кој ќе биде прикачен рускиот амблем. Првиот модел под брендот Alfarus е овој електричен компактен автомобил. Сепак, тоа не е ништо друго туку кинески FAW Bestune NAT кој доби руско име и ознаки.
Автомобилот е долг 4450 mm, широк 1840 mm, висок 1680 mm, додека меѓуоскиното растојание е 2850 mm.
Оригиналниот FAW Bestune NAT вообичаено има 130 КС, а електричниот автомобил може да помине до 420 километри со едно полнење.
Руските медиуми јавуваат дека веќе се планира локализација на производството на компоненти. Во рамките на овој проект, планирано е производство на голем број компоненти да се одвива на територијата на Саратовската област, што го потврди и гувернерот на регионот, Роман Бусаргин.
Производството на Alfarus во Саратовскиот регион ќе започне во вториот квартал од оваа година, со најава дека во текот на 2023 година ќе бидат составени вкупно 2.000 примероци.