Дебатата за избор на уставни судии на продолжението на Комисијата за избори и именувања мина во зајадлива атмосфера околу предлогот државниот обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија.
Од опозициската партија, ВМРО – ДПМНЕ, побараа прекин на седницата и повлекување на предлогот за Јовески, а побараа да ги добијат стенограмите од претходните седници.
„Вие што изјавивте во јавност дека ќе ги злоупотребите сите механизми во ова Собрание за да изберете неуставни уставни судии? Па ние сме сведоци, ние знаеме дека можете на паркингот ондека надвор да се соберете и да изгласате или во ходникот ондека да изберете претседател на ова Собрание или било во кој ќош од ова Собрание да се соберете и неуставно да изберете. За какви стратегии вие зборувате и инсинуирате овде пред јавноста. Немојте да манипулирате, додека не се обезбедат стенограми, да се прекине Комисијата“, рече пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.
Владеачката партија СДСМ ги обвини пратениците од опозицијата дека прават опструкции за да се одолговлекува изборот. Претседателката на Комисијата, Георгиевска на барањето да го повлече предлогот, кажа дека Јовески е предлог на други пратеници и нема информација дека се повлекува.
„Ова е класична стратегија за да правите блокада! Нема да помине тоа! (Јас ве молам да бидете љубезни да се до слушаме, па немојте да ми дофрлате) … Па не е нервоза, очигледно не се слушаме. Значи, јас овде водам седница на Комисија, претседателка сум сè уште. Ниту некого го навредувам овде, ниту нешто правам што е противзаконски. Вие не може да ме третирате ’дајте ми вие сега стенограмски белешки, половина час пауза‘, а што сум јас тука, на обвинителна клупа!? Па ќе ми вадите докази рече или не рече“, реагираше претседателката на Комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска.
Опозициските пратеници претходно и поднесоа интерпелација на Георгиевска, поради издвојување од постапката на двајца кандидати што веќе беа избрани за уставни судии. Тоа се Фатмир Скендер и Татјана Васиќ – Бозаџиева. Уставниот суд, во моментов има шест судии и им недостигаат уште тројца, за составот на Уставен да биде комплетиран.