На агендата на Комитетот на министри на Советот на Европа не било ставено барањето на Косово за членство во таа организација, информираа српскиот медиуми. Според изворот на српска „Нова“ тоа значи дека има минимални шанси барањето на Приштина да се најде на дневен ред на Парламентарното собрание на СЕ што ќе се одржи во април.
Соединетите Американски Држави неодамна побараа од одредени членки на Советот на Европа да го спречат влезот на Косово во таа организација додека Приштина не го промени ставот за формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО). САД бараат прашањето за влезот на Косово во таа организација да не биде ставено на дневен ред додека Приштина не усвои „поконструктивен став“ за ЗСО, што, како што објави „Euronews“, „ќе го отвори патот за предлог основен договор меѓу Белград и Приштина“.
Според Нова.рс, барањето за членство на Косово не било дел од денешниот дневен ред на Комитетот на министри на СЕ, кој треба да донесе одлука што ќе биде на дневен ред на Парламентарното собрание на таа организација, кое ќе биде одржано во април.
„Ни Парламентарното собрание не може да донесе таква одлука во април, дури и да им е проследено барањето. Има одредена процедура, за која е потребно време“, стои во текстот.