Калифорнискиот тјунер Unplugged Performance го покажа „Bioniq Phoenix“, Tesla Model 3 кој е претворен во возило за „time attack“. Тркачкиот автомобил е заснован на електричното возило кое доживеа несреќа за време на вежбањето за Pikes Peak 2020 година.
И покрај големата штета од несреќата, моделот е целосно обновен со уште поагресивен аеродинамичен систем, централна позиција на седење и поголема моќност од електричниот погон.
На прв поглед, мошне модифицираниот автомобил изгледа како некој луд рендер. Предниот сплитер од карбонски влакна е еден од најголемите што некогаш сме ги виделе. Специјалните аеро компоненти на Bioniq Phoenix произведуваат повеќе од 1.814 килограми надолна сила, поради што Model 3 е практично залепен на асфалтот, пишува „Jutarnji“.
Како што можеме да видиме на фотографиите објавени на Инстаграм од тркачот Крег Кокер, целиот преден дел е заменет со целосно затворена решетка. Моделот има ултра широки предни и задни браници, вентилирана хауба, целосно затворени фарови и масивно задно крило поставено на задната врата.
Кованите алуминиумски 19-инчни тркала UP-03 се многу широки и обложени со гуми Јокохама.
Севкупно, Bioniq Phoenix тежи околу 90 килограми помалку од стандардниот Tesla Model 3. Unplugged Performance всушност отстрани 250 килограми тежина, но додаде челичен кафез, модификации на шасијата и екстремен комплет за каросерија.
Компанијата не ги откри бројките за излезна моќност или перформанси, но очекуваме луди бројки.