Извршниот директор на компанијата која ја нуди популарната услуга за видео конференции – Zoom, Ерик Јуан, ќе се откаже од речиси целата плата, пренесуваат светските агенции. Причината за неговата постапка е тоа што компанијата ќе отпушти 1.300 вработени.
Јуан ќе ја намали својата плата за 98% и нема да зема бонуси, што сугерира дека тој е одговорен за грешките што доведоа до отпуштање на 15% од персоналот на компанијата, велат странски деловни експерти.
Другите директори од технолошката компанија ќе добијат 20% помала плата.
„Сакам да покажам одговорност не само со зборови, туку и со моите постапки“, рече Јуан, цитиран од „Proactive Investors“.
Акциите на компанијата скокнаа за 10% по веста, на 84,99 долари. Тие достигнаа историски максимум во јули 2020 година, но сега се на нивоа од пред пандемијата. Во текот на изминатите 12 месеци, до затворањето на тргувањето на 6 февруари, акцијата изгуби 47% од својата вредност.
Отпуштањата во Zoom се поголем дел од работната сила отколку отпуштањата објавени во софтверски компании за претпријатија како што се Salesforce, Microsoft и Workday.
Кратењата на работните места се целосно во согласност со неодамнешниот тренд во индустријата. Неодамна, голем број други технолошки компании – вклучително и Меta (Facebook), Amazon, Alphabet (Google) и Twitter – објавија големи кругови на отпуштања.