Русија би можела да го ограничи производството на нафта поради западните санкции

од Stefanija Kuzmanovska
329 прегледи

Потпретседателот на руската влада Александар Новак денеска на прес-конференција изјави дека постои ризик од намалување на производството на нафта во Русија поради ценовните ограничувања на руските суровини што ги воведоа ЕУ и земјите од Г7.

Одговарајќи на новинарско прашање дали сега има предуслови за намалување на производството на нафта, вицепремиерот рече: „Да, има такви ризици. Ќе ги оцениме во блиска иднина“, пренесува РИА Новости.

Новак претходно во февруари изјави дека производството во Русија во јануари останало на ниво од декември, околу 9,8-9,9 милиони барели дневно, а на почетокот на февруари било на исто ниво.

На крајот на минатата година тој објави дека Русија, поради ценовните ограничувања на руската нафта во ЕУ и земјите од Г7, е подготвена да го намали производството на нафта на почетокот на 2023 година за пет до седум отсто, односно за 500-700 илјади барели дневно.

Нафтените санкции на Западот стапија на сила на 5 декември 2022 година, потсетува агенцијата.

Европската унија, земјите од Г7 и Австралија воведоа ограничување на цената на руската нафта за поморски транспорт од 60 долари за барел.

Слични содржини