За членовите на АСОМ е целосно несватлив фактот што сè уште не можат да го видат предложениот Закон за игри на среќа иако е за нив наменет. Не отстапуваат од тврдењата дека станува збор за штетно и неприфатливо законско решение со кое според нив нелогично се зголемуваат давачките, неуставно се задира во лиценците со крајна цел, затворање на легалната индустрија на среќа.
Како земја со аспирации за членство во ЕУ, најмалку ни требаат законски измени за детонирање на легален бизнис и „легализирање“ на коцкање по подруми. Одговорно тврдам дека доколку седнеме на заедничка маса и партнерски пристапиме дека ќе дојдеме до одлично решение кои ќе ги адресира сите грижи истовремено зајакнувајќи ја легислативата и самата индустрија, вели во интервју за „Локално“, претседателот на АСОМ Васко Илиевски.
Набројувајќи ги нелогичностите кои се предложени во Законот и фактите кои вели се нанивна страна, Илиевски тврди дека обложувањето и другите игри на среќа нема да престанат туку ќе продолжат на црно.
Да не зборуваме за ризиците по играчите. Сега тие се заштитени со закон, нивните влогови и добивки легални, но кој ќе ги гарантира добивките и средствата тогаш?
Дали е Владата свесна дека ги турка играчите во небезбедна зона? Нашата земја треба да учи на туѓите искуства и да не дозволи штетниот Закон кој легалното обложување ќе го претвори во илегално да се реализира кај нас, дециден е тој.
По одлуката на Владата за носење на закон за игри на среќа, се заканивте со преземањеправни механизми и законски можности со кои ќе го спречите носењето на според вас, штетниот Закон. Најавивте и масовни протести. Дали се размислува за терминот кога би ги одржале и колкави се вашите очекувања во однос на слухот на власта?
-Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) будно ги следи чекорите на Владата и ние нашите следни активности ги планираме согласно развојот на настаните. За нас е несфатливо како Влада може сè уште да го крие Законот за игри на среќа од оние за кои е наменет? Запрепастувачки за нас како Асоцијација е дека после толку долго време од нашите обиди и повици да се организира „јавна расправа“ за измените на Законот за игри на среќа, Владата остана без слух. Сега, на мала врата и по скратена постапка, таа сака штетното законско решение да помине во Собрание, преку злоупотреба на европското знаменце. За оваа злоупотреба ја информиравме и Делегацијата на Европската Унија во земјава, од каде добивме официјален допис во кој тие апелираат европското знаменце да се користи само кога се работи за специфични закони коишто се поврзани со европското законодавство и во никој случај да не се користи за да се намали дискусијата за важни закони.
Покрај оддалеченоста, според она што излезе од медиумите како информација, целиот Закон ако воопшто може да се нарече така, е спорен и неприфатлив. Има енормно и пазарно нелогично зголемување на давачките, неуставни одредби со кои се задира во постоечките лиценци и работењето на приредувачите, монополизирање на онлајн обложувањето што исто така противуставно и низа други небулози со кои интенцијата е затворање на легалната индустрија на игри на среќа. Законот кој е предложен е неевропски, противправен во многу сегменти и направен така за да создаде монопол во одредени сегменти на индустријата. Остануваме на ставот дека ќе ги преземеме сите правни механизми и законски можности да го спречиме донесувањето на овој штетен закон кој ќе донесе сериозни последици за целата држава.
Какви измени во постоечкиот Закон според Вашите анализи би ги постигнале целите?
-Ние сме подготвени и отворени за дебата, нашата цел е да се изнајде законско решение прифатливо за сите засегнати страни. Најавените измени во неколку наврати ги дефиниравме како неприфатливи и кобни за индустријата на игри на среќа. И во оваа прилика ќе повториме дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулиран со Закон, а казните за непочитување на овие членови се високи и ние најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања. Ниту АСОМ, ниту нашите членки, немаат никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години и правиме сè за максимално и бескомпромисно почитување на законот.
Во неколку наврати се обративме до јавноста и посочивме дека се заложуваме за законски измени кои ќе придонесат за дополнителна регулација на присуството на малолетни лица во нашите објекти, преку активности за превенција, едукација и засилена контрола, но и зголемени казни како за приредувачите, така и воведување на нови казни за родителите или старателите.
Понатаму, потребна е итна регулација и либерализација на пазарот на онлајн игри на среќа кој во моментов е монополизиран, а со новиот закон воопшто не се предвидува либерализација. Онлајн играњето е уште подобро регулирано во смисла на злоупотреба од страна на малолетници бидејќи сите уплати и исплати одат преку банкарски сметки.
Можности за злоупотреба се речиси непостоечки.
Во изминатите години во неколку наврати на ЕНЕР поднесувавме издржани анализи и предлози за тоа како во целост да се унапреди индустријата, заштитат малолетниците, но и генерално намалат евентуалните негативни последици од игрите на среќа, бидејќи тоа е пред сè во наш интерес. АСОМ годишно вложува големи средства во едукација на играчите, кампањи за подигнување на свесност од штетни последици и други активности. Институциите се целосно глуви на овие конкретни и функционални предлози и стратегии кои се пракса во сите развиени земји. Одговорно тврдам дека доколку седнеме на заедничка маса, односно партнерски пристапиме дека ќе дојдеме до одлично решение кои ќе ги адресира сите грижи истовремено зајакнувајќи ја легислативата и самата индустрија.
Компаниите во индустријата и оние кои ги претставува АСОМ се високо професионални и доследни кога станува збор за почитување на законот. Верувајте дека нашата индустрија е една од најдобро регулираните индустрии. Секако, унапредување на легислативата е процес кој треба да се прави и ние апсолутно го поддржуваме тоа, но не на начин кој е подол и без дебата.
Што ќе се случи сега, откако Владата предложи измени со кој кладилниците не смеат да се отворат на растојание не помало од 500 метри од основните и средни училишта? Во едно од вашите соопштенија алармирате дека предлогот за дислокација е тешко изводлив заради постоечката урбанизација, па оттука и дилемата што ќе се случи со веќе изградените објекти?
-Постојат многу нелогичности и недоречености во предложените измени за Законот за игри на среќа. Еден од најнелогичниот и најнеоправдан е членот кој регулира оддалечување на спортските обложувалници на 500 метри од основните и средните училишта. Уште понелогично е образложението дека – ’само со оддалечување на спортските обложувалници од близина на училиштата“ основците и средношколците нема да биле изложени на искушението да си ја пробаат среќата и така ќе биле заштитени од стекнување зависност од трошење пари на игри на среќа‘?! Спречувањето на младите да влегуваа во спортските обложувалници како и во кафеаните е одамна регулирано со Закон. Како што е забрането во кафеани на малолетници да се служи алкохол, како што е забрането во трафика или маркет да купат цигари или алкохол, законски не е дозволено, малолетни лица да влегуваат ниту да играат игри на среќа. Оддалечувањето на еден објект на игри на среќа на 500 метри од едно училиште ќе го доведе во близината на друго училиште, а тоа значи целосно затворање на оваа стопанска гранка. Измените на законот ќе имаат и економски импликации.
Организирањето игри на среќа, во секоја земја, па и во нашата е сериозен бизнис. Сопствениците имаат вложено свои пари, без разлика дали инвестирале во градба на такви објекти или склучувале долгогодишни договори за наем. Со промените на законот овие локации ќе треба да ги напуштат, а вработените на тие места ќе останат без работа. Но, да речеме дека и тоа го тргаме на страна и свесно прифаќаме затворање на легалната индустрија. Дали некој сериозно верува дека играњето ќе престане? Не, тоа никогаш не се случило и ниеден рестриктивен закон досега не дал резултат. Секаде каде е пробан овој пристап се покажал како многу погрешен, а најблизок пример ни е Албанија. Во Албанија после 4 години од затворањето на легалната индустрија имаме состојба каде мора да се врати законот како што беше, зошто? Затоа што дивата индустрија царува, играњето во подруми се врати како во деведесеттите, државата изгуби стотици милиони евра регуларен приход а најважно од се, ризикот по играчите не само што се намали туку се зголеми. Тоа ќе се случи и кај нас.
Асоцијацијата на вработените веќе излезе со тврдење дека без работа ќе останат 10 000 вработени а буџетот ќе осиромаши за 280 милиони евра годишно. Какви се размислувањата на вработените?
-Какви може да бидат, ако некој свесно од нив сака да направи социјални случаи и да ги остави на улица!? Од една страна Владата секојдневно вели дека се залага за отворање нови работни места, за давање поддршка на бизнисот да инвестира во државата, а од друга страна на еден важен бизнис сака да стави клуч на врата и армија вработени да остави без работа. Од овој бизнис, годишно во државниот Буџет влегуваат 280 милиони евра. Тоа е половина од сумата со која Владата се задолжува во странство преку распишување на нова државна обврзница. Приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%. Плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос. Плаќаат двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење. Приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ.
Во низата придобивки од опстојување на индустријата на игрите на среќа е фактот, што малкумина го знаат, а тоа е дека 3% од приходот во буџетот на обложувалниците се средства наменети за Агенцијата за млади и спорт, што е директна инвестиција за развој на спортот и младите во нашата земја. Фактите говорат дека доколку вакво законско решение се усвои, без работа ќе останат 10 илјади вработени во оваа индустрија. Истото може да доведе до негативни импликации на уште 54 илјади лица чија дејност е врзана за овој бизнис.
Алармирате дека на ваков начин ќе се предизвика „коцкање“ на црно. Колку е оправдан вашиот сомнеж дека отсуството на контрола ќе биде во интерес на одреден број луѓе, бидејќи сите приходи од играњето во диви играчници ќе завршуваат во приватни џебови?
-Апсења за организирање на нелегални игри на среќа имаше минатата седмица. Сите ние бевме сведоци што се случуваше во 2011 г. во источниот дел од државата. Тогаш полицијата заплени околу 1.500 дивопоставени покер апарати во фамозната акција „Детонатор“ во нелегални коцкарници. Дали можеби повторно некој има за цел да печали од диви играчници кои ќе работат на црно?
Ви го посочив примерот со Албанија, но такви случаи имаше во Грција и во други земји каде масовни апсења на диви приредувачи беа секојдневие. Да не зборуваме за ризиците по играчите. Сега тие се заштитени со закон, нивните влогови и добивки легални, но кој ќе ги гарантира добивките и средствата тогаш? Дали е Владата свесна дека ги турка играчите во небезбедна зона?
Како земја со аспирации за членство во ЕУ, за земја која во тек има скрининг процес на секој сегмент од системот, мислиме дека најмалку ни требаат законски измени за детонирање на легален бизнис и „легализирање“ на коцкање по подруми.
Движењето „Антикоцкање“ позитивно ја оцени одлуката на Владата. По нивната идеја за организирање локален референдум во Тетово на кој ќе побараат граѓанска поддршка за нивната иницијатива, сега бараат целосно затворање на објектите за игри на среќа токму по примерот на Албанија и Косово. Како изгледаат работите на терен, имате ли сознанија за тоа какво е расположението кај населението?
-Ние како Асоцијација сме во контакт со нашите колеги од индустријата на игри на среќа во регионот и сме информирани за нивната работа. Информациите со кои располагаме, а се достапни и во медиумите, велат дека во првиот квартал од 2023 година спортското обложување повторно ќе стане легално во Албанија откако како што рековме погоре, пред 4 години, на крајот на 2018 година стапи на сила Законот за забрана на игри на среќа. И причините веќе ги посочив претходно. Поддршка за враќање на легалното обложување дојде и од премиерот на Албанија Еди Рама кој во медиумите изјави дека активноста на обложување продолжила на црно и дека повторното враќање на легалното спортско обложување ќе донесе приход во буџетот што ќе и помогне на економијата во ова време на криза.
Нашата земја треба да учи на туѓите искуства и да не дозволи штетниот Закон кој легалното обложување ќе го претвори во илегално да се реализира кај нас. Длабоко сме убедени дека секој граѓанин кој е информиран за случувањата е свесен за тоа каква штета може да предизвикаат најавените законски измени и не би сакал истите да станат реалност и да предизвикаат сериозни последици за целата држава.
Од Владата напоменуваат дека меѓу целите на предложените измени се потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање на лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца, приредува еден вид на игра на среќа. Се зголемуваат и надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа. Каков е вашиот став?
-Нашиот став е дека новиот предлог Закон е целосно неприфатлив! Предвидените законски измени кои Владата сè уште ги крие, содржат сериозни финансиски импликации за нашата индустрија. Како што кажав индустријата на игри на среќа во Северна Македонија има највисоки даноци во Европа.
На пример, со овие измени се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница на 200.000 евра, додека за секое следно уплатно-исплатно место, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра. Ова е речиси двојно зголемување на давачките. Во која индустрија компаниите би можеле да издржат двојно зголемување на даноци и давачки? Ова се паушални бројки и покачувања кои немаат допир со пазарот и лесно со воочува целосно отсуство на економска логика. Јасно е дека зголемувањето не е направено врз база на реални финансиски анализи. Според нас истото ги преминува сите граници и се врши со задни намери кои повторно водат до затворање на нашата индустрија.
Апсолутно неприфатливи за нас се и предлозите и измените во Законот кои согласно нашите искуства од претходните законски решенија имаат можност да задираат во веќе постоечки лиценци. Врз база на овие лиценци, приредувачите на игри на среќа ги изработиле своите пресметки и финансиски планови. Сакаме да потенцираме дека лиценците имаат точен рок на траење и каков било упад во наметнати давачки за време на траењето на лиценцата е противуставно и надвор од секоја логика и европска пракса. Промените може да имплицираат правни постапки за оштета и заштита на права на приредувачите кои работат според лиценци со однапред поставени услови. Секоја промена во Закон, особено во делот на финансиски импликации, мора да започнува со истек на старата лиценца, односно со почеток на новата лиценца.
За крај би сакале да информираме дека нашата Асоцијација е активен чинител во општеството и посветено работи на унапредување на индустријата на игрите на среќа во обложувалниците, на развивање и промовирање на современи стандарди на игрите на среќа, како и едукација на играчите преку организирање различни активности за неопходноста од почитување и спроведување на законите и правилата на игрите на среќа во обложувалница.
АСОМ во нашата земја организираше и кампања за одговорно обложување „Играј одговорно“ преку која се промовираа нашите цели и заложби-безбедно спортско обложување, грижа за нашите играчи и за општеството во целост.
Голем дел од работата на АСОМ е фокусирана на реализација на бројни активности на полето на општествена одговорност како хуманитарни акции за поддршка на семејства од ранливи категории, лица настрадани во трагични несреќи, крводарителски акции итн.
Во контекст на општествена одговорност кон заедницата се реализираше и кампањата „Вложуваме во млади таленти“ преку која обезбедува поддршка за развој на младите таленти, и тоа од областа на спортот, науката и уметноста.
Со сите овие активности ние даваме сериозна поддршка на општеството во кое дејствуваме.