Полска ќе и испорача 14 напредни тенкови „Леопард 2“ на Украина во следните две до три недели, јавува Си-Ен-Ен. Цитирајќи го полскиот шеф на дипломатијата, Си-Ен-Ен наведува дека испораката на тенковите ќе се совпадне со завршувањето на обуката на украинските војници за употреба на „Леопард“ во Полска.
Портпаролот на полското Министерство за надворешни работи, Лукасз Јасина, додаде дека Варшава поддржува испраќање борбени авиони во Киев, но истакнува дека за таков потег е потребен консензус меѓу членките на НАТО.
„Исто како што беше случајот со тенковите, се надеваме дека оваа коалиција ќе биде доволно голема за да ги поддржи Украинците што е можно повеќе. Авионите се исклучително корисни во украинската војна“, рече Јасина, додавајќи: „Но, ние сме членка на НАТО и ние сакаме да постигнеме договор во сите такви одлуки за да учествуваме заедно. Алијансата е посилна кога сме заедно“.