„Лисиче е наредна мета на урбаната мафија“ обвинуваат од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“, по повод спорниот предлог – детален урбанистички план за населбата.
Од иницијативата, на својата фејсбук страница велат дека постои подмолен и нетранспарентетн начин да се протне ДУП ЈИ09, што како што додаваат, е катастрофален за населба Лисиче. Оттаму велат дека со новиот ДУП ќе се наруши спокојниот живот на жителите и дека се предвидени голем број згради, затворање на постоечки улици, како и траси за нови улици кои минуваат низ домови.
Тие повикуваат да се стави крај на градежниот хаос и да реагираат сите, поднесувајќи анкетни листови со свои забелешки најдоцна до 13.04.2023 во ОУ “Димитар Македонски“. Од „Да го зачуваме Лисиче“ велт дека станува збор за соседска и натпартиска иницијатива.
Претходно од Општина Аеродром, предводена од Тимчо Муцунски, информираа: „Планскиот опфат е дефиниран со следните граници: на север по оските на бул. „Дванаесетта македонска бригада“, новопланираните улици „С4“ и „С2“, од исток по оската на новопланираната улица „С1“, на југ по оската на железничката линија Скопје – Гевгелија и на запад по оската на булевар „Србија“.
Оттаму додадоа дека Предлог-планот на ДУП за градска четврт JИ09 блок 09.01 Општина Аеродром – Скопје, ќе биде изложен во просториите на ОУ „Димитар Македонски“ улица „Ѓуро Малешевец“ бр. 2 од 30.03.2023 (четврток) до 13.04.2023 (четврток).