Министри на Г7 ветија забрзување на мерките за обновлива енергија

од Vladimir Zorba
137 прегледи

Министрите за енергетика и животна средина од Групата седум индустриски развиени земји ветија дека ќе го забрзаат чекорот кон почиста, обновлива енергија, но не поставија краен рок за завршување на електраните на јаглен на крајот од дводневните разговори во Сапоро, северна Јапонија.

Во заедничката изјава, министрите на Г7 истакнаа на што се обврзуваат, а документот од 36 страници се подготвува за самитот во Хирошима во мај.

Јапонија доби одобрение од другите земји од Г7 за нејзината национална стратегија која ги нагласува таканаречените чист јаглен, водород и нуклеарна енергија за да обезбеди енергетска безбедност.

„Препознавајќи ја тековната глобална енергетска криза и економските нарушувања, повторно ја нагласуваме нашата посветеност за забрзување на транзицијата кон зелена енергија на нула емисии на стакленички гасови најдоцна до 2050 година“, се наведува во соопштението.

Се додава дека лидерите ја препознаваат важноста од изнаоѓање ефикасни, рентабилни и разновидни извори на енергија, со што ја нагласуваат посветеноста за спроведување „непосредни, краткорочни и среднорочни акции во оваа критична деценија“.

Повикот за акција доаѓа во време кога растат барањата од Кина и другите земји за поголема помош за постепено укинување на употребата на фосилни горива и стабилизирање на цените и снабдувањето со енергија во услови на прекин од руската војна во Украина.

Една од темите која подолго време е нерешена е и утврдувањето на рокот за постепен престанок на користење на електрани на јаглен. Јапонија се потпира на јаглен за речиси една третина од своето производство на електрична енергија и исто така ја промовира употребата на таканаречениот чист јаглен кога користи технологија за запирање на емисиите на јаглерод и водород кога се користи како гориво.

Во денешниот документ беше повторена потребата од итно намалување на емисиите на јаглерод и постигнување енергетски сектор главно без јаглерод до 2035 година.

Фактот дека тоа ќе биде „претежно“ чиста енергија, остава простор и за производство на енергија заснована на фосилни горива, но министрите се согласија дека нивен приоритет треба да бидат чекорите за постепено ставање крај на „неконтролираното“ производство на енергија на јаглен.

Земјите од Г7 претставуваат 40 отсто од светската економска активност и четвртина од глобалните емисии на јаглерод. Нивната акција е од клучна важност, но и нивната поддршка за помалку богатите земји кои најчесто страдаат од најлошите ефекти од климатските промени, а имаат најмалку ресурси за да ги ублажат тие ефекти.

Слични содржини