Пакистан ја склучил првата нарачка на руска нафта по поповолна цена како дел од договорот меѓу Исламабад и Москва, објави министерот за енергетика на земјата, пренесе Хина.
Првиот танкер со руска сурова нафта се очекува во Карачи во мај.
Договорот со Пакистан отвора нови пазари за Русија, која веќе има слични договори со Индија и Кина, откако ги загуби западните клиенти со инвазијата на Украина.
Пакистан е долгогодишен сојузник на Западот и непријател на соседна Индија, историски поблиску до Москва, и затоа аналитичарите веруваа дека на Исламабад ќе му биде тешко да ја прифати руската понуда.
Но, и Пакистан се соочува со тешка финансиска ситуација, па нафтата по пониска цена е одлична можност во време кога на Пакистан му се заканува неможност да ги сервисира долговите.
Девизните резерви на пакистанската централна банка едвај се доволни за покривање на четиринеделен увоз, пишува Ројтерс.
Пакистан ќе купува само сурова нафта како дел од договорот. Министерот Мусадик Малик изјави за Ројтерс доцна во средата дека се очекува увозот да се зголеми до 100.000 барели дневно доколку првата трансакција биде добро.
Во 2022 година, Пакистан увезувал 154.000 барели дневно, покажуваат податоците на аналитичката компанија Kpler.
Тој главно купувал нафта од Саудиска Арабија, а потоа од Обединетите Арапски Емирати. Затоа, 100 илјади барели дневно од Русија теоретски значително ќе ја намалат зависноста на Пакистан од нафтата од Блискиот Исток.