Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Димитриј Медведев денеска изјави дека Полска сè уште сонува за идејата за обновување на унијата со Украина и обновување на поранешната државна заедница на Полска и Литванија, која престана да постои во 18 век.
Сепак, Медведев нагласи дека, како што оцени, Полска не умее да биде империја, иако постојано се труди да биде и дека ќе остане непријателска земја за Русија, без разлика дали некогаш во иднина повторно ќе вклучува делови од Украина или не.
„Во недостиг на интелектуална сила за создавање одржлива иднина, Полска, потврдувајќи ја репутацијата на „земја која живее во минатото“, црпи инспирација од мапите од пред 400 години, кога делови од сегашна Украина се наоѓаа во нејзините граници. Империјалистичките халуцинации го туркаат полското раководство на брегот на тешки историски пресврти“, напиша Медведев на Телеграм.
Тој понатаму објасни дека Варшава верува дека е дојден моментот „сега или никогаш“ кога е неопходно да се преземе остатокот од Украина, за што минатата година разговараше и рускиот претседател Владимир Путин.
„Но, секако, никој од полските манијаци кои халуцинираат (за преземање делови од сегашна Украина) не размислува за последиците. Базата од која Западот црпи ресурси наскоро ќе биде целосно искористена – таму не останаа уште многу ресурси“, предупреди тој.