Шаховскиот велемајстор Лирен Динг создаде историја со ШК Алкалоид во 2016 година, кога го предводеше најтрофејниот клуб во Македонија до шампионската титула на Европскиот клубски куп одигран во Нови Сад, Србија, а денеска со триумф во „тај-брејкот“ од дуелот со Јан Непомнијачи, стана новиот светски првак во шах.
Тој играше на првата табла за македонскиот шампион и во настапите на Европскиот клубски куп во 2017 и 2018 година, при што има и уште еден трофеј за второто место во Анталија, Турција.
Лирен има 30 години и со ова стана првиот кинески шахист што стигнал до светската титула во поединечна конкуренција, додека меѓу дамите има шест шахистки кои доминираа на светската сцена во последните три декади.
Мечот за титулата се играше во Астана, Казахстан, а по 14 партии обајцата претенденти имаа по 7 бода, по што се пристапи кон играње четири партии со забрзано темпо од 25 минути по играч.
– На клубско ниво, горди сме што Лирен е дел од нашата историја и се надеваме дека наскоро повторно ќе го видиме по паузата која се случи поради пандемијата. Тој е врвен шахист и не кријам дека навивавме за него во овој дуел. Секако дека е голема чест и задоволство, да се биде капитен на една прекрасна личност која се одликува со скромност и повлеченост, карактеристики кои се толку нетипични во денешно време,- рече капитенот на ШК Алкалоид, велемајсторот Драган Јаќимовиќ.