Зеленски: Очајно се надеваме дека ќе добиеме противвоздушни системи од Јужна Кореја

од Stefanija Kuzmanovska
260 прегледи

Украина „очајно се надева“ дека Јужна Кореја ќе ѝ обезбеди одбранбена воена опрема како што се противвоздушни системи за одбрана од руски напади, изјави претседателот Володимир Зеленски во интервју за јужнокорејски весник.

Зеленски ѝ се заблагодари на Јужна Кореја за нејзиното ветување дека ќе испрати возила за деминирање и хуманитарна помош во вкупна вредност од околу 230 милиони долари, но рече дека Украина сака противвоздушни системи и системи за рано предупредување, објави во вторникот весникот „Чосун Илбо“.

„Знам дека има многу ограничувања за поддршката на оружјето, но овие принципи не треба да важат за одбранбените системи и опрема за заштита на нашиот имот“, рече Зеленски за гореспоменатиот весник.

„Противвоздушниот систем не е оружје, туку чисто одбранбена опрема. Мораме да имаме небесен штит за да ја обновиме Украина и очајно се надевам дека Јужна Кореја ќе не поддржи во таа област“, ​​додаде тој.

Тој истакна дека системот за рано предупредување на Јужна Кореја ќе помогне да се одбрани неговата земја од руски воздушни напади.

Сојузникот на САД и голем извозник на оружје, Јужна Кореја досега ја отфрли можноста за испраќање воена помош за Украина, и покрај зголемениот притисок од Вашингтон и Европа, поради нејзините деловни врски со Русија и влијанието на Москва врз Северна Кореја.

Претседателот Јун Сук Јеол ја сигнализираше можноста за промена во интервју за „Ројтерс“ во април, велејќи дека би можело да биде тешко Сеул да продолжи да обезбедува само хуманитарна и финансиска помош доколку Украина се соочи со напад од големи размери врз цивили или „ситуација која меѓународната заедница не може да ја прости“.

Јун и Зеленски се сретнаа за првпат овој месец на маргините на самитот на лидерите на Г7 во Јапонија, по што Сеул вети дека ќе достави опрема за деминирање и дополнителна хуманитарна помош.

Зеленски, исто така, побара воена поддршка од Јужна Кореја во видео-обраќање до јужнокорејските пратеници во април.

Потоа побарал, меѓу другото, оклопни возила и противвоздушно, противтенковско и противбродско оружје.

Слични содржини