18 сопственици имаа можност да го искусат максимумот што може да го понуди денешниот автомобил на четири тркала. А тоа се 249 mph или 400 km/h, барем во случајот на Bugatti и нивната неодолива понуда. Имено, Bugatti изнајми дел од пистата во вселенскиот центар Кенеди, каде што врши аеродинамички тестови на возила. Бидејќи патеката дел од времето е слободна, компанијата одлучи да покани 18 сопственици на Bugatti да дојдат на Флорида и да ги возат своите болиди со полн гас, пишува „Index“.
Тие имаа можност да возат 400 km/h на патека долга 4,8 km. Тоа е искуство кое не треба да се пропушти, особено за вистинските љубители на брзината кои всушност ги возат своите Bugatti возила. Кристоф Пиошон, претседателот на Bugatti, вели дека пред неколку години биле потребни месеци подготовка за возилото да достигне 400 km/h, но „денес тоа го правиме поинаку“.
„Во светот на нашите прецизно дизајнирани хипер спортски автомобили, ја отворивме оваа можност за нашите клиенти во апсолутна безбедност и им дадовме нешто што многу малку луѓе некогаш ќе го имаат. Повеќето од нив дури имаа можност да го искусат ова со сопствен автомобил“.