Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко и другите градски водачи за небрежност, откако се појавија извештаи на сведоци дека цивили во Киев загинале претходно оваа недела, бидејќи засолништето не било отворено навреме.
За потсетување, три лица загинаа, меѓу кои и едно 9-годишно девојче и нејзината мајка, од падот на остатоците од проектилот во четвртокот во раните утрински часови додека чекаа пред прифатилиштето. Кличко одговори дека одговорноста за трагедијата треба да ја поделат сите.
Зеленски претходно изјави: „Должност на локалните власти, многу специфична должност, е да обезбедат засолништата да бидат достапни 24 часа на ден. Болно е да се види таква негрижа во должноста. Болно е да се видат жртвите“.
Јарослав, сопругот на загинатата жена, Наталија, изјави за украинската јавна служба дека вратите на засолништето, клиника во североисточниот кварт Десњански во градот, останале затворени откако се огласил алармот. „Луѓето тропаа, тропаа многу долго. Имаше жени и деца, но никој не ја отвори вратата“, рече тој.
Како резултат на тоа, рече тој, нивната ќерка морала да ја види смртта на нејзината мајка „со свои очи“. Други луѓе потврдија дека стражарот, кој бил на должност таа вечер, не успеал да ја отвори вратата во краткиот период помеѓу алармот и паѓањето на остатоците на земја.
Инаку, Зеленски директно не го именуваше Кличко или кој било друг функционер, но неговиот акцент на локалните власти јасно стави до знаење дека тој верува дека одговорноста за неуспехот, на одредено ниво, ја имаат функционерите во главниот град.
Потсетуваме дека Киев од крајот на април стана цел на ноќни напади на руски ракети и беспилотни летала, а неговите жители често се будат во раните утрински часови, принудени да одлучат дали да се кријат дома или да брзаат во засолниште. . Во изминативе шест ноќи имаше воздушен напад, иако во петокот немаше загинати или повредени.