Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, ги повика Белград и Приштина да преземат итни чекори за деескалација на тензиите на северот на Косово.
Пател на прес-конференцијата, коментирајќи ја ситуацијата на северот на Косово, ги повика премиерот на Косово, Албин Курти и владата во Приштина да им овозможат на градоначалниците на северот на Косово да ја извршуваат својата работа на алтернативни локации и да наредат повлекување на полицијата стационирана во близина на општинските згради.
„Ги повикуваме сите страни да преземат итни чекори за деескалација на тензиите. Србија и претседателот Вучиќ треба да го намалат нивото на готовност на својата армија и да ги повикаат Србите на Косово да се воздржат од насилство. Одлуката на косовската влада за насилен пристап до општинските згради ја ескалира ситуацијата на остар и непотребен начин“, рече Пател.