Иран: Ја направивме првата хиперсонична балистичка ракета од домашно производство (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
250 прегледи

Иран го откри она што властите во Техеран го опишаа како прва хиперсонична балистичка ракета од домашно производство, објавија денеска иранските државни медиуми.

Објавени се слики од ракетата со име „Фатах“, која беше прикажана на церемонија на која присуствуваа претседателот Ебрахим Рахиси и врховните команданти на Иранската револуционерна гарда.

Тоа ќе ја зголеми загриженоста на Западот за ракетните способности на Техеран, проценува „Ројтерс“, додавајќи дека хиперсоничните ракети можат да летаат најмалку пет пати побрзо од брзината на звукот и на сложена траекторија, што го отежнува нивното пресретнување.

Минатата година Иран соопшти дека развил хиперсонична балистичка ракета која може да маневрира во и надвор од атмосферата.

Според иранските медиуми, „Фатах“ поради своите големи тактички способности може да ги таргетира „напредните противракетни системи на непријателот и претставува голем генерациски скок во ракетната индустрија“.

„Фатах“ има домет од 1.400 километри и ја погодува целта со брзина од 13 до 15 маха.

Загриженоста за иранските балистички ракети придонесе за одлуката на тогашниот американски претседател да се повлече од нуклеарниот договор на Техеран од 2015 година со шесте големи сили во 2018 година, а преговорите за негово обновување се во застој од септември минатата година, наведува „Ројтерс“.

Слични содржини