Хоти: Изгубен суверенитетот на северот на Косово

од Vladimir Zorba
308 прегледи

Поранешниот премиер на Косово, Авдулах Хоти изјави дека со доаѓањето на власт на премиерот на Косово, Албин Курти, се изгубил суверенитетот на северот на Косово и дека со ваквото однесување на премиерот, Косово може да заврши во ситуација кога законот и редот на северот ќе бидат воспоставени од КФОР и ЕУЛЕКС, а не од косовската полиција.

Хоти за приштинската агенција „Косовапрес“ изјави дека односите со Соединетите Американски Држави (САД) се критични и дека во 30 години напори на Албанците за независна држава и 15 години по прогласувањето независност, никогаш немало таква комуникација меѓу Владата на Косово и Владата на САД.

Тој додаде дека активностите, без разлика колку се законски, треба да се прават во координација со меѓународните сојузници.

„Американските емисари доаѓаат на Косово и јасно кажуваат дека се бранители на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, а барањата што ги имаат за Косово за формирање на Здружението (ЗСО), јасно кажуваат дека не е нивно барање тоа да биде во спротивност со Уставот на Косово. Имаме легитимно право како суверена држава да воспоставиме ред и закон во секој дел на Косово, но тоа можеме да го направиме во координација со нашите меѓународни партнери, да видиме што губиме, а што добиваме со еднострани акции. Точно е дека никогаш немало помал суверенитет на северот на Косово од оваа влада“, рече Хоти.

Хоти рече дека Курти во последните две години ја ставил комуникацијата со САД во тешка ситуација и дека ситуацијата е критична.

„Во текот на двете години на власт имаше тешки моменти во нивната комуникација со нивниот главен сојузник, САД. Имаме случаи кога беа откажани посети на министри, имавме ситуации кога премиерот престојуваше таму три недели и никој не се сретна со него, разни ситуации и проблеми во соработката, поради однесувањето на Владата на Србија. Не можам да замислам до што може тоа да доведе. За да дојдеме до точка каде што многу високи американски функционери, од државниот секретар (Блинкен) надолу, хиерархијата на Стејт департментот, јасно велат дека Косово не го следи советот на големиот партнер, туку ги поткопува односите меѓу двете земји. Оваа ситуација е незамислива“, рече Хоти.

Тој оцени дека исфрлањето од воената вежба „Бранител Европа 23“ е застрашувачка порака за Косово.

Слични содржини