Папата Франциск на плоштадот Св. Петар во Ватикан се заблагодари за поддршката и пријателството за време на неговата хоспитализација по операцијата на стомакот.
Папата Франциск на почетокот на јуни беше опериран на абдоменот и во петокот беше пуштен од болницата Гемели во Рим по десет дена закрепнување. На неделниот Ангел Господов им се заблагодари на верниците за изразената поддршка.
„Сакам да изразам благодарност за љубовта, грижата, пријателството“, рече Папата, кој во последните години имаше неколку здравствени проблеми.
„Таа човечка поддршка ми беше голема помош и утеха“, додаде тој.
Папата, кој се повеќе се движи во инвалидска количка или потпрен на бастун, се појави како и обично стоејќи пред прозорецот од стан во Апостолската палата.
Тој, исто така, го осуди „бруталниот напад“ врз средното училиште во Уганда, кое беше цел на џихадистите и уби најмалку 41 лице, главно ученици.
„Се молам за младите ученици кои беа жртви на брутален напад на училиште во западна Уганда“, рече Папата, земја со мнозинско христијанско население.
„Овие борби, оваа војна, насекаде. Молете се за мир“, додаде тој.
Масакрот се случи во саботата вечерта во средното училиште Лубириха во Мпондве, во близина на границата со Демократска Република Конго.
Воените и полициските претставници на Уганда ги обвинија членовите на Сојузничките демократски сили (ADF), исламистичка милиција која вети верност на Исламската држава.
Нападот на училиштето е најсмртоносниот во Уганда по двојниот напад во Кампала во 2010 година, во кој загинаа 76 лица во напад за кој одговорноста ја презеде исламистичката група Шабааб со седиште во Сомалија.
Папата изрази и „жалење и болка“ за поморската несреќа во Грција во средата вечерта кога потона брод со стотици мигранти. Седумдесет и осум тела се пронајдени, а многумина се водат за исчезнати.