Поранешниот претседател Бранко Црвенковски денеска промовира идеја за иницијатива која на земјите од Западниот Балкан ќе им овозможи пристап до заедничкиот европски пазар и пристап до европските фондови. Тој потенцира дека таа не би била никаква алтернатива или замена на полноправното членство во ЕУ.
– Напротив, тоа би бил еден меѓу чекор или преодна фаза која би го олеснила остварувањето на таа цел, рече Црвенковски, на трибина на тема: „Северна Македонија меѓу Отворен Балкан и Берлински процес: можно ли е побрзо членство во Европската Унија?“.
Според него, со прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле и поподготвени за полноправно членство, а Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.
Поранешниот претседател истакна дека за реализација на ваквата иницијатива би можела да се искористи веќе постојната Европска економска област, со што им се овозможува на Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ и иако не се членки на Унијата.
– Втора можна варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕО, а истовремено би се овозможил и пристап до Европските фондови, е доколку ЕУ потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан со кој истовремено би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови, истакна Црвенковски.
Според него, би било добро земјите од Западниот Балкан, преку Берлинскиот процес, Отворениот Балкан или некоја друга форма на регионална соработка и комуникација да дефинираат и да усогласат една ваква заедничка иницијатива и со неа да настапат пред Европската Унија, со цел да се даде нов квалитет и нова динамика на интеграцијата и да се направи еден покрупен исчекор од сегашната статус кво ситуација.
Тој потенцира дека за ваквата иницијатива бил поттикнат од фактот дека таму каде што бевме лани се наоѓаме и денес, без видлив и сериозен напредок.
Поранешниот претседател апелираше дека до политичките фактори во земјава ако оценат дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание во ред ќе му биде драго, а ако сметаат дека е лоша или безвредна може да ја критикуваат или едноставно да ја игнорираат.
-Но, ве молам немојте да и ставате партиски печат и да ја внесете во своите дневно-политички конфронтации. Не случајно се решив да ја промовирам токму тука пред Советот на амбасадори. Пред луѓе со големо животно и дипломатско искуство. Но, и со различни политички припадности, додаде Црвенковски.