С. Македонија и МОТ потпишаа нова програма за соработка за достоинствена работа

од Vladimir Zorba
185 прегледи

Меѓународната организација на трудот (МОТ), Владата, синдикатите и организациите на работодавачите ја усвоија новата Национална програма за достоинствена работа, што ќе се спроведува до крајот на 2025 година. Креирање на повеќе и подобри работни места, подобрени изгледи за вработување на младите жени и мажи, како и инклузивен пазар на труд преку натамошно унапредување на социјалниот дијалог, се клучните приоритети на чие остварување во наредните три години заеднички ќе продолжат да работат партнерите кои го сочинуваат социјалниот дијалог.

„И покрај големите предизвици со кои се соочи целата земја, нејзините граѓани и економијата, поврзани со влијанието на пандемијата, војната во Украина и енергетската криза, сепак успеавме да направиме сериозен исчекор во унапредување на трипартитниот социјален дијалог со синдикатите и организациите на работодавачи, особено во рамки на Економско-социјалниот совет. Благодарение на ваквата соработка, се донесоа одлуки кои имаа значително влијание врз обликувањето на националните економски и социјални политики. Крајните ефекти од ваквите одлуки и политики, особено врз намалувањето на невработеноста и зголемувањето на минималната и просечната плата, несомнено се резултат и на посветеноста и волјата за соработка на сите социјални партнери“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Новата Национална програма за достоинствена работа во суштина се надоврзува и ги поддржува националните развојни приоритети утврдени во Националната стратегија за вработување 2021-2027, Програмата за економски реформи 2023-2025, Планот за спроведување на Гаранцијата за млади 2023-2026 и Акцискиот план на Економско-социјалниот совет 2023-2025 година.

„Од нејзината независност, Северна Македонија постигна напредок во економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Сепак, земјата доживува една од најбавните конвергенции на приходите со ЕУ во споредба со другите земји од Западен Балкан. Подобреното учество на пазарот на трудот ќе биде од клучно значење за да се постигне нивото на ЕУ. Поддршката на МОТ има за цел да создаде повеќе можности за вработување, особено за младите, да ја зголеми продуктивноста и платите, да се бори против дискриминацијата, како и со насилството и вознемирувањето на работното место и да го зајакне гласот на социјалните партнери “, порача Маркус Пилграм, директор на МОТ за Централна и Источна Европа.

Покрај МОТ, својот потпис на новата тригодишна Програма за достоинствена работа го ставија и претставниците на организациите кои учествуваат во трипартитниот социјален дијалог –  Владата на Република С. Македонија, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), Бизнис Конфедерацијата на Македонија (БКМ), Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ) и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ).

„Охрабрени сме од фактот дека целите што треба да се постигнат со реализацијата на новата Национална програма за достоинствена работа се надоврзуваат со напорите на Владата за остварување на Целите на одржливиот развој, утврдени во Стратегијата на Обединетите нации за периодот од 2021 до 2025 година. Оттаму, веруваме дека усвојувањето и реализацијата на оваа Програма ќе придонесе за подобрување на животниот стандард на сите луѓе во Северна Македонија, преку еднаков пристап до достоинствена работа и продуктивно вработување генерирани од инклузивен и иновативен деловен екосистем“, посочи Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, поздравувајќи го усвојувањето на новата Национална програма за достоинствена работа.

Со своето постојано присуство во земјата од 2009 година и преку Националните програми за достоинствена работа, Меѓународната организација на трудот ги поддржува партнерите кои учествуваат во социјалниот дијалог на национално и локално ниво во надминувањето на предизвиците поврзани со реформите на трудовото право, социјалниот дијалог и невработеноста. Во последниве неколку години МОТ активно работи на промовирање на социјалниот дијалог како клучен инструмент за унапредување на економската и социјалната кохезија, доброто управување и создавањето повеќе и подобри работни места. Покрај тоа, МОТ е единствениот институционален партнер на Северна Македонија во воведувањето и спроведувањето на Гаранцијата за млади.

Слични содржини