Експерти: Косово може да загуби 500 милиони евра од санкциите од ЕУ, штети и по правниот систем

од Radmila Tasevska
390 прегледи

Околу 500 милиони евра се претпоставува дека ќе загуби Косово од мерките кои ги презеде меѓународната заедница, поради одбивањето на Владата на Албин Курти да ги исполни барањата на меѓународните партнери за смирување на состојбите во северно Косово, пишува денеска приштинскиот портал „Економиа онлајн“.

Предвидувањата на експертите се дека покрај штетите на економијата, и правниот систем ќе претрпи големи загуби, со оглед дека Европската Унија е главен донатор на полето на реформите во судството.

Претседателот на Косовската алијанса на бизнисите (АКБ), Агим Шахини вели дека предвидувањата се оти до крајот на годинава косовската економија ќе загуби над половина милијарда евра.

Според челникот на АКБ, меѓународниот фактор е „косопственик на ослободувањето и осамостојувањето“ на Косово.

– Косово минува низ време кое никој не можеше да замисли дека ќе дојде, дека по ослободувањето ние ќе се соочиме со санкции против Косово од пријателите кои се косопственик на ослободувањето и осамостојувањето на земјата и ова е резултат на еден притисок кој се врши врз косовските институции за прифаќање на едно барање за стабилизација на северот на државата. Во таа смисла, тие мерки се казнени за Владата, но ќе страдаат и граѓаните и бизнисите. Од мерките за Договорот за стабилизација и асоцијација, или запирањето на ИПА-фондовите, сето тоа ќе го почувствуваме сите ние, посебно извозните бизниси и производители и штетата може да биде над 500 милиони евра, вели Шахини, нагласувајќи дека тоа е „најголемата штета која може да му се нанесе на Косово во оваа ситуација“.

Според него, санкциите кон Косово се последица на „грешките што ги направија косовските институции“, со одлуките за промена на српските со косовски регистарски таблички и за одржување градоначалнички избори во општините во северно Косово без учество на тамошното мнозинско српско население.

– Првите чекори кои можам да речам дека беа погрешни се со обидот да се прошири суверенитетот преку табличките, што е право на Косово, но не беше моментот. Вториот момент е кога Косово одржа избори на север без присуството на Србите и против нивната волја. Ние сме демократска држава и во демократија треба да владее мнозинството таму каде што живее, а не малцинството врз мнозинството, изјави Шахини.

Тешки последици, според адвокатот Ардиан Бајрактари, ќе претрпи и косовскиот правен систем, со оглед дека ЕУ е главниот донатор на реформите на полето на правдата.

– Веднаш треба да се каже дека ЕУ е еден од главните донатори во поддршката на реформските процеси, со акцент на полето на правдата, но не само тоа. Во тој правец, нормално дека таквите најави се мошне разочарувачки сигнал за местото и за патот по кој ние како држава настојуваме да стасаме до евроатлантските структури, изјави Бајрактари за „Економиа онлајн“.

Тој се надева дека „на крајот ќе дојде момент кога косовските институции ќе рефлектираат (за ситуацијата), и покрај фактот дека од законски и уставен аспект имаат право да преземаат такви дејствија за ширење на суверенитетот на целата територија на Република Косово“.

– Она што фактички го бараат меѓународните партнери е (косовските власти) да бидат во координација и да соработуваат со нив во вакви ситуации, изјави Бајрактари.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, на крајот на јуни ЕУ објави дека воведува привремени казнени мерки кон Косово, поради тоа што Владата на Албин Курти не ги презеде мерките кои ги побара европскиот блок за деескалација на состојбата на север.

Во тој дел од Косово, населен со мнозинско српско население, настанаа тензии од крајот на мај годинава, кога новите градоначалници Албанци во тамошните четири општини влегоа во општинските згради со помош на полициски специјалци, наспроти отпорот и протестите на српското население.

ЕУ ја суспендира работата на сите работни групи за Договорот за стабилизација и асоцијација, како и поканите за учество на Косово на средби на високо ниво.

Од Брисел нагласуваат дека тие мерки се привремени и дека можат да се укинат доколку Владата на Курти ги преземе бараните дејствија за смирување на ситуацијата.

Слични содржини