Детето чие обезглавено распаднато тело беше пронајдено на плажа во одморалиштето Коста Дорада, Рода де Бера во Шпанија во вторникот на почетокот од оваа недела, било девојче помладо од шест месеци кога починало, пишува „Дејли мејл“.
Според првите извештаи по страшното откритие, се претпоставуваше дека детето е на возраст меѓу две и три години.
Но, првите резултати од обдукцијата покажуваат дека детето е многу помладо отколку што се мислеше.
Покрај потврдувањето на нејзиниот пол, форензичарите заклучиле и дека нејзиното тело било во вода помеѓу две недели и два месеца, според локалните извештаи.
Фактот што го нема горниот дел од торзото на бебето заедно со главата ќе го отежне утврдувањето како починало. Сепак, во тек се дополнителни тестови за утврдување на веројатната причина за смртта, како и нејзиното етничко потекло.
Градоначалникот на Рода де Бера, Пере Вирџили, по мрачното откритие во вторникот наутро изјави дека детето можеби било во брод со мигранти кој потонал во Средоземното Море.
Тој рече дека облеката што ја носело бебето, вклучително и јакна, не укажуваат на тоа дека таа се удавила во типична несреќа на плажа.
Чистач во општината во вторникот наутро го пронашол телото на детето и веднаш ги известил претпоставените кои повикале полиција.
Припадниците на Цивилната гарда ја опколиле областа и ги одвеле мештаните и туристите во други области на плажата пред истражниот судија да одобри отстранување на телото.
Подоцна се покажа дека распаднатото тело било исфрлено на плажата претходниот ден, но случајните минувачи го игнорирале мислејќи дека се работи за кукла.
Портпаролот на Цивилната гарда во вторникот изјави: „Се што можеме да потврдиме во моментот е дека телото на бебето е пронајдено на плажата Рода де Бера во провинцијата Тарагона“.
Цивилната гарда денеска потврди дека нема ништо ново да соопштува и дека засега не дава официјални изјави за случајот.