Отповикан амбасадорот во Јапонија по обвинувањата за сексуално вознемирување

од Vladimir Zorba
464 прегледи

Амбасадорот на Северна Македонија во Јапонија, Горан Цеков, е повлечен по обвинувањата за сексуално вознемирување, соопшти Министерството за надворешни работи во Скопје.

Указот за отповикување го потпиша претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски претходно изјави дека против Цеков се поднесени две пријави за недолично однесување и сексуално вознемирување.

Според него, Амбасадата на Северна Македонија добила поплаки за мобинг и сексуално вознемирување од две жени – едната е вработена во Амбасадата во Токио, а другата е јапонска државјанка и имала повремени проекти со Амбасадата на Северна Македонија.

„Две претставки се однесуваат на понижувачко, недолично и непрофесионално однесување на амбасадорот кон македонскиот државјанин, додека обвинувањата против јапонскиот државјанин, за жал, одат во насока на сексуално вознемирување“, рече Милошоски.

Владата на Северна Македонија го прифати предлогот на ресорниот министер за отповикување на амбасадорот, по што претседателот на државата го потпиша указот за отповикување кој беше објавен во Службен весник.

Амбасадорот Цеков е дипломат од кариера во Министерството за надворешни работи од 1996 година. Служеше во мисијата на НАТО во Брисел од 2003 до 2007 година, од 2010 до 2014 година во амбасадата во Осло, Норвешка, а во 2019 година беше в.д. шеф на мисијата на НАТО во Брисел.

Слични содржини