ОН ги повика Украина и Русија да се воздржат од ескалација на војната

од Nikola Popovski
502 прегледи

Коментирајќи го синоќешниот украински напад врз руски танкер во Керченскиот теснец, Обединетите нации ги повикаа Украина и Русија да се воздржат од каква било акција што може да доведе до натамошна ескалација на конфликтот, соопшти кабинетот на генералниот секретар на ОН.

„Видовме извештаи за инцидентот. ОН не се во позиција да ги потврдат овие извештаи, но ние силно го повторуваме нашиот апел до сите учесници во конфликтот да се воздржат од каква било реторика или дејствија што би можеле да придонесат за натамошна ескалација на конфликтот“, се вели во соопштението на ОН, пренесува Тас.

Службата за безбедност на Украина (СБУ) синоќа изведе специјална операција заедно со украинската морнарица, во која голем танкер со нафта на Руската Федерација Сиг беше нападнат од поморски дрон, потврдија претходно денеска извори во СБУ за украинските медиуми.

Танкерот превезувал гориво за руските војници, а специјалната украинска операција била изведена со помош на поморски дрон со 450 килограми ТНТ, пренесе Интерфакс Украина.

Руската Федерална агенција за поморски и речен транспорт соопшти дека танкерот „Сиг“ е оштетен на јужниот приод кон теснецот Керч, недалеку од Кримскиот мост. Во соопштението се наведува дека танкерот не потонал, а ниту еден од 11-те членови на екипажот не е повреден, пренесува Танјуг.

Слични содржини