По речиси 50 години: Русија лансираше мисија кон Месечината (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
257 прегледи

Русија го лансираше своето прво лунарно летало „Луна-25“ по речиси 50 години, објави руската вселенска агенција Роскосмос.

Ракетата „Сојуз 2.1б“ која го носеше леталото е лансирана од космодромот „Восточни“, пренесува РИА. Се очекува леталото да слета на Месечината до 23 август.

Роскосмос соопшти дека „Луна-25“, кое тежи 1,8 тони, ќе биде на Месечината најмалку една година и ќе собира примероци. Оваа руска лунарна мисија е прва од 1976 година.

Американскиот астронаут Нил Армстронг се стекна со слава во 1969 година како прва личност што одеше по Месечината, но советското летало „Луна-2“ беше првото вселенско летало кое стигна до површината на Месечината во 1959 година, а мисијата Луна-9 во 1966 година прва изврши меко слетување на Месечината.

Големите сили како САД, Кина, Индија, Јапонија и ЕУ ја истражуваат Месечината во последниве години, иако јапонското слетување на Месечината не успеа минатата година, а мисијата на Израел не успеа во 2019 година, пишува Ројтерс.

Ниту една земја сè уште не направила меко слетување на јужниот пол на Месечината, а Русија сега ќе се обиде да го стори тоа. Нерамниот терен го отежнува слетувањето таму, но откривањето на мразот би можело да биде историско бидејќи може да се користи за извлекување гориво и кислород, како и вода за пиење, наведува британската агенција.

Коментарите за актуелната руска мисија на Месечината, која Москва ја планира со децении, се дека со неа земјата ќе ја тестира растечката независност на нацијата во вселенските истражувања, по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, која ги прекина речиси сите врски на Москва со Западот во ваквите проекти, покрај нејзината интегрална улога на Меѓународната вселенска станица.

Слични содржини