Москва ризикува да предизвика директна војна со НАТО со пресретнување на бродови во меѓународните води и напори за уништување на економијата на Украина, предупредил поранешниот врховен командант на НАТО за Европа и поранешен американски адмирал Џејмс Ставридис, кој ги предводеше силите на алијансата на континентот помеѓу 2009 и 2013 година.
Зборувајќи за Политико, адмиралот изјавил дека ескалациите во Црното море може да ги принудат партнерите на Киев да интервенираат за да спречат осакатување на украинската економија.
„Активностите на Русија во меѓународните води на Црното Море создаваат реален ризик ова да ескалира во војна на море меѓу НАТО и Руската Федерација“, рекол Ставридис.
НАТО, додаал тој, „нема да и го даде целото оружје и пари на Украина, само за да гледа како Русија ја задушува нивната економија со нелегална блокада“.
Тензиите во Црното Море драматично ескалираа откако Русија еднострано се повлече од договорот на ОН за жито во јули и предупреди дека бродовите што патуваат до украинските пристаништа може да се сметаат за воени цели. Како одговор, Украина покажа подготвеност да го таргетира рускиот извоз на енергија со напад на поморски дрон врз танкер и од 23 август ги прогласи водите околу руските пристаништа на Црното Море за „воена ризична зона“.
Ставридис тврди дека поддршката на членките на НАТО кои се граничат со Црното Море, имено Турција, Романија и Бугарија, би значело дека „руската црноморска флота би била воено надмината“.