Во Украина претреси во повеќе од 200 воени центри поради корупција

од Radmila Tasevska
248 прегледи

Повеќе од 200 воени центри се претресени во Украина за да се искорени системот на корупција што им овозможува на регрутите да избегаат од армијата, објави денеска тамошното обвинителство, во услови на контраофанзива на украинскиот сили против руските сили.

„Службите за спроведување на законот открија големи корупциски шеми во речиси сите региони на земјата… Во моментов се вршат повеќе од 200 истовремени претреси“, соопшти обвинителството на Телеграм.

Истражителите се сомневаат на „вмешаност на службеници од воените канцеларии и надлежни за медицински прегледи и социјални услуги“, се додава во соопштението.

Според истрагата, во замена за поткуп, „функционерите им помагале на граѓаните да добијат инвалиднини или да бидат признати како привремено неспособни за служење воен рок. Тоа им овозможувало да го одложат или избегнат служењето воен рок“, наведува обвинителството.

На почетокот на август, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отпушти сите регионални претставници одговорни за регрутирање на армијата, посебно наведувајќи го системот што дозволуваше регрути да се шверцуваат „преку границата“.

Слични содржини