Парична казна од 9.500 евра за фирмата „Еко Ливинг“ за пожарот на депонијата во Тетово

од Radmila Tasevska
164 прегледи

Државниот инспекторат за животна средина донел решение со кое и изрекува парична казна за фирмата ДТУ „Еко Ливинг“ ДООЕЛ од Чегране за пожарот што се случи на депонијата. Согласно решението, фирмата има обврска изгорениот комунален отпад  да го отстрани од локацијата близу селата Стенче и Волковија.

– Изготвено е решение и платни налози за правното (9000 евра) и физичкото лице (500 евра). Со решение е задолжен комуналниот отпад од локацијата што се запали во рок од 90 дена да го однесе на депонијата Русино и забрана да носи комунален отпад на истата локација, информираше Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Според жителите на Волковија и денес од локацијата се забележува помалку чад, а непријатната миризба сè уште се чувствува и во Тетово.

Претседателот на Полошкиот плански регион и градоначалник на Тетово, Биљал Касами денеска информираше дека општините сами ќе го регулираат собирањето на сметот, додека депонирањето ќе се реализира кога општините ќе ги реализираат обврските кон регионалната депонија Русино.

– Државната инспекција треба да ги контролира и општините и депонијата и другите чинители дали работат согласно законот. Депонијата Русино ги исполнува сите услови, но треба сите општини да ги реализираат своите обврски за да може да профункционира согласно еколошките стандарди, изјави Касами.

Фирмата чија депонија се запали, од Министерството имала концесија за собирање на смет од Општина Брвеница, со обврска количините да ги носи во депонијата Дрисла кај Скопје.

Слични содржини