Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се обрати на 30 годишнината од основањето на огранокот на партијата во Штип нагласувајќи дека ова се тешки времиња на многу предизвици, удари за Македонија и за Македонците. Мицкоски кажа дека ќе заврши бегањето од избори и дека за секој криминал ќе има одговорност.
Според него, единствено за што сака да зборува власта се уставните измени, затоа што, како што вели, тоа им е единствената преостаната тема бидејќи се друго е „катастрофа“. Уставните измени, како што посочи Мицкоски, се натурени, наметнати и диктирани од надвор и народот е против во огромно мнозинство и затоа ВМРО-ДПМНЕ вели не.
Мицкоски рече дека доживеавме премиери на други држави да го бранат македонскиот народ и Македонија „повеќе од премиерот кој го плаќаме со народни пари“.
-Погледнете како тоне нивната последната сламка за спас. Францускиот претседател им ја кажа вистината. Европска унија им испрати абер. Сето тоа што го кажуваат не е точно. Јасно е. Без внатрешни реформи кои вие седум години не ги правите, без оправање на секторите и состојбите на секое поле, нема да има ни афричка унија, а не пак европска. Народот бара ресет. Оваа Влада ги изгуби и легитимитетот и кредибилитетот, смета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, францускиот претседател јасно вели дека нема ЕУ.
-И што после тоа. 2030 ни ја продаваат за светлата година која треба да дојде во состојба кога нема гаранции ни дека државата ќе стане членка на ЕУ до 2063 година. Македонија е уморна од ветувања на европски бирократи кои не тапшаат по рамото ветувајќи работи кои не доаѓаат, рече Мицкоски.
Со оваа власт, како што рече, сме далеку од ЕУ и нема надеж дека ќе биде се подобро.
Според Мицкоски, на земјата и се случува распаѓање на системот, целосно киднапирање на институциите од страна на Владата, масовен егозодус на народот, систематско осиромашување на граѓаните, колапс во секој сегмент, здравство, образование, земјоделие.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски обвини за криминал „дозволен и спроведен“ од власта на ДУИ и на СДСМ.
-Зарем Европа е кога министер од ДУИ ќе даде два милиони евра на фирма која внимавајте претходно била донатор на ДУИ и ги дала тие пари за му организира на истиот тој министер политички настан. Зарем Европа е кога првиот човек на владата добива државно земјиште по едно евро и тоа од државата чиј што премиер, вештачки поставен, безнароден, без легитимитет ја води. Зарем Европа е кога се делат 215 пасоши на светски криминалци, нарко дилери и убијци.., рече, меѓу другото, Мицкоски.
Претседателот на опозициската партија истакна дека во овие повеќе од пет години ВМРО-ДПМНЕ се реформирало, но и дека од позиција на опозиција тие реформирале многу работи во државата.
-На претходните локални избори испишавме заедно со народот дел од таа историја која треба на следните парламентарни избори да ја потврдиме и да ја завериме, рече Мицкоски
Побара поддршка од народот за ВМРО-ДПМНЕ да победи со мнозинство во Парламентот.
-Затоа што еве стојам од овде пед вас ве гледам во очи и ви велам да сигурно на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со голема победа. Но, нема да е доволно таа победа да биде со помал број од 61 пратеник. Зошто ова го зборувам? Затоа што за време на таа кампања ќе се изнаслушате се и сешто од ситни души кои се платени со ваши пари, а крадени од Владата на ДУИ и СДСМ да не дојде до 61 пратеник. Зошто? Затоа што така нивната цена на политичката сцена на нивниот пазар кој што тие се навикнати ќе биде многу мала, рече Мицкоски.
Според него, СДСМ од државотворна партија се претворила во измеќар на ДУИ.