Човечкиот вид „за влакно“ избегнал истребување: Нашите предци пред 900.000 години масовно умирале од екстремен студ

од Vladimir Zorba
374 прегледи

Екстремен студ најверојатно влијаел на масовното исчезнување на човечките предци пред 900.000 години, покажуваат најновите истражувања на научници од неколку американски универзитети. Врз основа на ДНК анализата, студијата утврдила дека популациите на предците се опоравиле околу 100.000 години подоцна, пренесува Science News.

Врз основа на модерната човечка ДНК, се смета дека човечките предци можеби се бореле против истребувањето пред околу 900.000 години пред да се вратат и можеби да еволуираат во Homo heidelbergensis.

Во тој временски период, во Африка и Евроазија преовладувале екстремни студени и долготрајни суши, покажуваат претходните геолошки докази.
Генетичарот и еден од авторите на студијата Ванги Ху од Универзитетот во Њујорк рече дека оваа теза укажува на тоа дека релативно мал број преживеани од големиот студ од каменото доба можеби еволуирале во неандерталци.

Претходните анализи на ДНК добиени од древните фосили проценуваат дека овој вообичаен вид на предци се појавил помеѓу 700.000 и 500.000 години. Не многу пред тоа, членовите на човечката раса, Хомо, издржале околу 117.000 години замрзнување, задржувајќи просечно 1.280 единки способни за репродукција, а студијата наведува дека овој број на нашите еволутивни предци се размножиле доволно за да се спречи истребување.

Според проценката на научниот тим, пред почетокот на неповолните климатски услови, бројот на индивидуи кои учествувале во размножување кај иста популација бил меѓу 58.600 и 135.000.

Тимот на Ху смисли нов статистички метод за анализа на древните популации користејќи обрасци на заеднички генски варијанти во денешната човечка популација.

Современите генетски податоци дојдоа од 3.154 луѓе во 10 африкански популации и 40 европски и азиски популации, а групата на Ху ги доби овие информации од две научни бази на човечка ДНК.

Научниците открија дека гените на денешните Африканци содржат многу посилни докази за пад на древната популација отколку луѓето од другите делови на светот. Намалената популација на човечки предци веројатно живеела во Африка почнувајќи од пред околу 900.000 години, иако Евроазија не може да се исклучи како матичен регион за преживеаните, велат од тимот.

Зголемениот број фосилни откритија сугерираат дека групите од родот Хомо окупирале различни делови на Африка, Азија и Европа пред приближно 900.000 до 800.000 години, но исто така и дека популациите кои не се поврзани со потеклото на хомо сапиенсот можеби биле поприлагодливи на драстичните климатски промени.

Слични содржини