Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски упати јавно прашање до вицепремиерот Артан Груби, барајќи да и одговори на јавноста на што се должела неговата посета во Будимпешта.
“Јас имам само едно јасно и многу директно прашање до господинот Артан Груби, само да објасни на јавноста и да каже како поминал во Будимпешта и да даде детали на што се должела посетата, доколку е точно. Во оваа држава се прават многу непринципиелни разговори и многу непринципиелни коалиции”, прашува Димитриевски.
Според него, бројните изјави од страна на опозицијата по срамното носење на измените во Кривичниот законик од страна на власта се непотребни, кога истата таа опозиција имаше можност да го спречи ова.
“Сето тоа можеше да се спречи бидејќи видовме дека законот беше донесен со 43 гласа ЗА, што значи дека се обезбеди кворум од страна на опозицијата”, заклучува тој во изјава за Канал 5.