Средба Бесими-Ју во рамки на Конференцијата на СЕФФ: Дискусиите важни за креирање политики кои добиваат поддршка од меѓународните финансиски институции

од Radmila Tasevska
188 прегледи

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска се сретна со регионалната директорка за Западен Балкан на Светска банка Шиаочин Ју, која на покана на министерот Бесими е дел од говорниците на Годишната Конференција на Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), која Министерството за финансии ја организира трета година по ред.

-СЕФФ како иницијатива на Министерството за финансии дава можност за обединување и дебата помеѓу креаторите на политиките и политичките претставици, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската и експертската јавност, бизнис-секторот со цел да се покренат идеи и иницијативи кои за нас како институција имаат многу важен придонес во креирањето на мерките и политиките насочени кон  економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст, рече министерот Бесими кој се заблагодари на регионалната директорка за прифатената покана за учество во дискусијата на Конференцијата.

Тој потенцира дека Групацијата на Светска банка е клучен партнер на земјата во креирање и спроведување на реформите и проектите што со нејзина поддршка се  реализираат преку утврдената Рамка за партнерство.  Проектите се насочени во подобрување на општинската инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, подобрување на енергетската ефикасност, како и реформи во социијалната сфера и основното образование.

На средбата стана збор и за новата Рамка за партнерство, која е во финална фаза и се очекува нејзино одобрување на крајот на годината. Фокусот на новата програма за период 2024-2028 година е насочен кон зајакнување на човечкиот капитал, заштита на животната средина и одговор на климатските промени.

Бесими, како што информираат од Министерството за финансии, посочи на активностите што ги презема Министерството за финансии во насока на одржување на макроекономската стабилност и прудентно управување со јавните финансии, фискална консолидација и примена на поставените правила со новиот Закон за буџети.

Конференцијата на СЕФФ на тема „Европа ДА, Европа СЕГА“ ќе се одржи утре во Скопје Регионалната директорка за Западен Балкан  Шиаочин Ју ќе се обрати на панелот посветен на Европската и регионалната интеграција, заедно со вицепремиерите Бојан Маричиќ и  Славица Грковска, министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-шеф на ЕУ Делегација во земјава Бен Нупнау, Ерик Мејер од Амбасадата на САД во земјава, како и Бојан Стојановски, претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Конференцијата ќе ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, министерот Бесими и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан, кој е главен говорник на Конференцијата.

Слични содржини