(ВИДЕО) НАСА развива хуманоидни роботи за истражување на вселената

од Vladimir Zorba
204 прегледи

Американската вселенска агенција НАСА се здружи со мала фирма за роботика во Тексас за да продолжи со децениската работа на хуманоидни роботи. Наскоро овие роботи би можеле да бидат испратени во орбитата, па дури и на Месечината или Марс, каде што би им помагале на астронаутите во нивната работа, пишува Space.com.

Тексашската компанија Apptronik долго време соработува со агенцијата НАСА на развојот на Аполо, хуманоиден робот задолжен за логистика, производство и здравствена заштита. Сепак, агенцијата одлучи да го прилагоди Аполо, како и другите роботи, за да им пружи помош на астронаутите во орбитата, како и на оние кои ќе одат на Месечината или Марс. Еден ден, додаваат тие, би можеле да функционираат како еден вид далечински контролирани аватари на мисии во уште подалечни светови.

Apptronik е особено посветен на модуларноста на дизајнот на роботот, а неговата приспособливост за логистички задачи е особено важна. Висок е 173 сантиметри и тежок 73 килограми, може да носи товар од 25 килограми, наведува компанијата на својата веб-страница, а едно пакување батерии може да му обезбеди околу четири часа автономија.

НАСА користи децениско искуство во роботиката за да помогне во развојот на Аполо во области како што се мобилноста и дизајнот за безбедна интеракција човек-робот.

– Користејќи ја експертизата во мобилните роботи за комерцијални проекти, заедно ќе донесеме иновации на ова важно поле. Горди сме што гледаме дека нашето знаење за технологијата на прецизна роботика е од корист за американската економија и им помага на луѓето да работат безбедно и продуктивно, а исто така може да помогне во истражувањето на вселената – рече Шон Азими, шеф на тимот за прецизна роботика во вселенскиот центар Џонсон, вели НАСА во соопштението.

Не е тешко да се разбере колку е полесно и поедноставно модулот за слетување на Месечината да го растовари робот наместо човек бидејќи тоа е многу побезбеден и поефикасен систем на операции на површината на Месечината, а истото е со Марс.

Во истражувањето на други светови веќе се користат роботи во форма на модули за слетување, ровери и дронови, но наместо овие специјализирани машини, многу покорисен би бил робот способен за широк опсег на задачи. Ваквите роботи би биле способни за задачи кои се премногу опасни за луѓето, но потребно е да се развие начин што ќе овозможи ново програмирање на роботите во овие услови, т.е. приспособување на различни услови и задачи. Покрај тоа, се наведува, ваквите роботи би можеле да се користат за рударство или производство на предмети на други светови, што значително би ги намалило трошоците за мисијата. Научниците веруваат дека е поевтино и полесно да се градат објекти за сместување на луѓето на Месечината или Марс отколку да се испратат овие објекти од Земјата.

Слично на работата со Apptronik, НАСА го разви и хуманоидниот робот Валкири, кој е способен да им помогне на астронаутите, но не е способен за адаптација. Иако навистина функционалните хуманоидни роботи се уште се далеку, инвестицијата на НАСА ќе помогне да се развијат попрактични роботи на Земјата.

Слични содржини