Германскиот канцелар Олаф Шолц побара повеќе напори за постигнување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации (SDGs), јави ДПА.
– Гледаме дека напредокот што го посакувавме за целиот свет е забавен во борбата против сиромаштијата и за подобар соживот, дека не постигнавме толку подобрувања колку што посакувавме, рече тој денеска во Њујорк.
– Но, ова е причина да се ангажираме уште повеќе за да го постигнеме овој неопходен напредок, додаде Шолц.
Во 2015 година, државите во светот поставија 17 цели, меѓу кои и за подобрување на образованието, ставање крај на гладот и екстремната сиромаштија до 2030 година.
Пандемијата на Ковид-19, војната во Украина и должничката криза во сиромашните земји го уназадија постигнувањето на целите: Според ОН, ако работите продолжат како што се, во 2030 година 575 милиони луѓе сè уште ќе живеат во тешка сиромаштија, а повеќе од 600 милиони во глад.