Министрите за образование од 16 земји во Европа, меѓу кои и Северна Македонија, денеска во Варшава потпишаа нов договор за продолжување на CEEPUS – Централноевропската програма за размена на универзитетски студии IV, која овозможува мобилност на студенти, професори и научници и стипендирање на нивната доедукација и професионална надградба.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, за време на потпишувањето на новиот договор со важност до 2032 година, министерот Јетон Шаќири изрази задоволство што соработката помеѓу досегашните земји учеснички во програмата продолжува, а тоа, како што рече, „потврдува дека сме големо и обединето семејство кое функционира успешно, обезбедувајќи нови перспективи на човечкиот капитал како основа на севкупниот напредок на регионот“.
-Посакувам бројот на воспоставени релации, на реализирани академски размени да расте. Тоа е суштината на оваа соработка, која добива уште повеќе на значење во време кога образованието и науката со голема брзина се интернационализираат, а заедничките дипломи имаат сè поголема вредност, рече Шаќири, потсетувајќи дека Северна Македонија веќе 18 години е дел од CEEPUS-програмата.
Министерот нагласи дека по враќањето во Скопје, информацијата за новиот договор ќе ја сподели со научниците, истражувачките работници, академските професори и студентите со апел да продолжат да создаваат и користат шанси во рамки на програма.
Исто така, наведува МОН, Шаќири ги повика и научниците, професорите и студентите од другите земји, да ја посетат Северна Македонија, затоа што, како што истакна, иако сме мала земја во развој, има што да научат од нас.
-Имаме образовен систем кој забрзано напредува и наука во која интензивно се вложува. Имаме позитивни практики на кои се гордееме, како на пример темелна реформа во основното и средното образование која во моментов се спроведува, целосна модернизација на лабораториите на научните и високообразовните установи, драстичен пораст на средствата за финансирање научни проекти од јавен интерес и модернизација на лабораториите во рамки на научните и високообразовните установи, потенцираше Шаќири.
Додаде дека со вкрстувањето на искуствата и идеите, очекува сите земји заедно да изградат подобар регион и место за живеење и работење на граѓаните.
Централноевропската програма за размена на универзитетски студии IV (CEEPUS) е регионална програма за академска мобилност, во која покрај Северна Македонија, во моментов учествуваат и Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Полска, Молдавија, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Косово. Започна да се имплементира во 1994 година, а нашата земја се приклучи во 2005 година.