Филмскиот продуцент Томи Салковски во директно соочување со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, во вечерашната емисијата „Аргумент плус“ на телевизијата „24 Вести“ изјави дека аларм за кратење на финансиски средства во износ од 10 милиони денари, минатата недела, ги кренал на нозе вработените во Агенцијата за филм, по што следуваше и јавна реакција на филмските режисери и продуценти. Кратењето на финансиите е поради ребалансот на буџетот, кој е во собраниска процедура, а го спроведува Секторот за финансии во Министерството за култура
„По некои неформални податоци што ги добија нашите колеги, дознавме дека со ребалансот на министерството за култура се планира кратење за средствата од Министерството за култура наменети за филм преку агенцијата за филм. Се собравме, се закажа состанок. Членовите инсистираа да бидат само продуценти и режисери бидејќи се првата најзасегната страна. За првпат по долго време се јавија 70 режисери во оваа група. Сите имаме иста борба и иста желба да создаваме повеќе филм. Немаме партиска определба и имаше 100 отсто единство. Добивме информации, секој што можеше да провери и најпрвин се обративме со Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм и отидовме кај него. Тој се одбрани,ни извади некакви документи дека ги побарал парите, но не му биле префрлени. Во неформални разговори тој дознал дека средствата ќе бидат скратени“, посочиСалковски.
Салковски објасни како оди постапката. Агенцијата за филм поднесува барање, а министерката го одобрува трошењето на средствата. Тој истакна и што се случило со барањето на директорот на Агенцијата за филм.
„Лазаревски навремено, уште на 30 август го поднесеБарањето до министерството за култура за одобрување на месечен финансиски план на расходи за септември 2023 за планирани 10 милиони денари, за што има доказ со приемен печат од министерството.
Овие пари се потребни за да се подмират доспеаните обврски по проекти, филмски фестивали реализирани во 2022 година и филмски проекти кои се фаза на пост-продукција. Наместо бараните 10, добил само 3 милиони денари. Најгласни беа оние кои сега треба да почнат со снимање, а станува збор за филмовите на Унковски и Волкашин. Филмовите секогаш се снимаат во септември и октомври поради должината на денот. Има и други копродукции чии меѓународни снимања беа поддржани и обврзани сме да ги снимиме“, потенцира Салковски.