Украински капетан на брод за крстарење беше осуден денеска во Унгарија на пет и пол години затвор за неговата улога во несреќата во 2019 година во која неговиот брод удри и потона помал брод на Дунав, при што загинаа 25 јужнокорејски туристи и двајца членови на екипажот.
Во најголемата катастрофа на Дунав во повеќе од половина век, помалиот туристички брод „Сирена“ потона со 35 луѓе на него, откако беше погоден од брод за крстарење под мостот во Будимпешта за време на силен дожд. Дваесет и пет од загинатите се Јужнокорејци. Загинаа и капетанот на „Сирена“ и член на неговата екипа, а еден Кореец се уште се води како исчезнат.
„Обвинетиот Ц. Јуриј беше прогласен за виновен за „небрежност што претставува закана за воден транспорт“ и судот го осудува на пет и пол години затвор“, рече судијката Леона Немет, донесувајќи ја пресуда на која може да се жали.
Украинецот, кој е во притвор од 2019 година, пред судот изјави дека му е „многу жал“ за трагедијата.
„Не можам да побегнам од сеќавањето на оваа страшна трагедија ниту една минута, не можам да спијам и мислам дека тоа е она со што треба да живеам до крајот на мојот живот“, изјави видно емотивниот маж во судот.
Судот го ослободи капетанот од обвинението за недавање помош. Само седум корејски патници ја преживеаја несреќата.