Османи: Само со одговорно лидерство и заеднички решенија ќе може да се одржи функционалноста на ОБСЕ

од Radmila Tasevska
234 прегледи

На барање на Претседавачот со ОБСЕ и шеф на македонската дипломатија Бујар Османи,  денеска во Виена се одржа вонреден состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ, со засилено учество на високо ниво. Со оглед на  критичните предизвици со кои се соочува Организацијата во светло на агресијата на Руската Федерација врз Украина, министрите за надворешни работи и други високи претставници на државите учеснички и партнерите за соработка на ОБСЕ, разменија мислења за актуелните прашања и предизвици, соопшти МНР.

Во фокусот на дискусиите биле прашања од круцијално значење за функционалноста на ОБСЕ: потребата од усвојување на буџетот, за именување на раководните структури и избор на претседавач на Организацијата во 2024 година.

– И покрај тоа што влијанието на руската воена агресија против Украина предизвикува тектонски потреси во поширокиот регион на ОБСЕ, Организацијата успеа да демонстрира флексибилност и да се прилагоди на дадените околности и да продолжи да нуди поддршка и да испорачува за луѓето. Поради тоа, ние сме должни да испорачаме назад, да поддржиме и обезбедиме непречена функционалност на ОБСЕ. Само со одговорно лидерство и заеднички решенија ќе можеме да овозможиме ОБСЕ да продолжи ефективно да го спроведува доверениот мандат, посочил Османи.

На состанокот тој презентирал конкретни предлози на претседавањето како можни решенија за надминување на предизвиците.

– Придонесот и влијанието на нашата Организација кон процесите на мир и стабилност никогаш не смее да биде жртва на лоши толкувања и кусогледа политизација. Поимот консензус треба да биде нашата сила, а не наша слабост, истакнал Османи, повторно повикувајќи ги министрите и високите претставниците да демонстрираат силна политичка волја и конструктивност во комплексниот момент во кој се наоѓа Организацијата.

Тој нагласил дека остануваат посветени на ОБСЕ и ќе продолжат да работат на изнаоѓање решенија во поддршка на функционалноста на организацијата.

Слични содржини