Спасовски од Струга: Упатени сме кон јасно детектирање на наметнатите предизвици и градење соодветни одговори

од Radmila Tasevska
298 прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на отворањето на 14. Меѓународна научна конференција на тема „Стратешки и безбедносен концепт за земјите од ЈИЕ“, што од денеска до петок се одржува во Струга, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје и Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Во обраќањето, како што соопшти ресорното министерство, тој истакнал дека се согласува со констатацијата оти светот никогаш не бил пред така силно и темелно искушение на геополитички и цивилизациски план.

– Станува збор за предизвик кој што нужно бара соодветни и глобални и, се разбира, национални одговори, оти едноставно, никој не е заобиколен од актуелните последици, а уште помалку од реперкусиите коишто допрва, во годините пред нас, можат да произлезат од случувањата на истокот од Европа, истакнал Спасовски.

Според него, тие влијанија имаат рефлексија врз сите пори на општествените и политичките програми, концепти и одлуки, а кои се понудени за стручно-експертско анализирање и дискусија на Конференцијата.

– Од заштита на критична инфраструктура и важност на специјалните полициски  единици во справување со модерните закани, преку хибридни закани, градење отпорност и менаџирање на ризик, па сѐ до криминалистички истраги кај сериозен и организиран криминал или пропаганда и лажни вести, секако вклучувајќи ги и искуствата на поедини теми на гостите од земјите од регионот, истакнал министерот.

Говорејќи за настаните во Украина од 2022 година наваму, тој, како што е наведено во соопштението,  бил категоричен дека предизвикале тектонски последици во регионот на Југоисточна Европа, и во иста, па дури и во поголема мерка нужно сугерираат на постоењето на глобалните геополитички предизвици.

– Предизвици од кои што не е одминат никој, дури би рекол, дека регионот на Југоисточна Европа како по своите географско-историски, така и по своите општествено-политички предиспозиции и специфики се чини подиректно изложен на потребата од соодветни одговори, наспроти евидентните нови геополитички трендови. Потребата од пронаоѓање на издржани аргументи, потребата за креирање на квалитетни политички концепти и одлуки во одбрана на регионалната и на националната стабилност со веќе јасно детерминирани наши национални интереси, е неминовност пред која што не може и не смее да се замижи, истакнал Спасовски, потенцирајќи ја упатеноста кон јасно детектирање на наметнатите предизвици и искушенија, како и градење соодветни одговори кон нив.

Министерот за внатрешни работи изразил увереност дека научните конференции го оправдуваат во целост своето значење и важноста и нудат извонредни можности, преку квалитетна дебата и аналитичка експертиза, да се дојде до оптимални општествено полезни предлози и идеи во интерес на одбрана и зацврстување на стратешките интереси на државата, и секако, во интерес на регионалната и европската стабилност и безбедност.

Слични содржини