Volkswagen ќе го прекине производството на моделите VW ID.3 и Cupra Born во своите фабрики во Цвикау и Дрезден, Германија, во првите две недели од октомври поради послабата побарувачка.
Поради моменталната состојба на пазарот, производството ќе биде намалено за време на есенските празници во Саксонија од 2 до 13 октомври во фабриката на VW во Цвикау, изјави портпаролот на компанијата.
Производството на ID.3 во Дрезден ќе биде прекинато од 2 октомври и ќе продолжи на 16 октомври.
VW одби да коментира за бројот на вработени кои ќе бидат засегнати од мерките. Германскиот производител на автомобили претходно овој месец соопшти дека нема да ги продолжи договорите на определено време на 269 вработени во неговата целосно електрична фабрика во Цвикау, каде што се произведуваат голем број модели на групацијата VW.
VW се соочува со зголемена конкуренција од Tesla и се поголем број кинески производители на автомобили. Имајќи ја предвид високата инфлација и намалувањето на субвенциите, конкуренцијата дополнително влијае на бизнисот на германскиот гигант, поради што има намалена побарувачка на европскиот пазар на електрични возила.