На светските берзи цените на нафтата драстично пораснаа минатата недела бидејќи трговците стравуваат дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток може да го наруши снабдувањето со нафта од таа област.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 7,5 отсто, на 90,89 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 5,9 отсто, на 87,69 долари.
Откако пред една недела потона за повеќе од 11 отсто, цената на нафтата на лондонскиот пазар надокнади добар дел од тие загуби минатата недела.
Во текот на неделата, цените на нафтата се движеа во релативно тесен опсег, за нагло да пораснат во петокот, што е главно последица на конфликтот на Блискиот Исток меѓу палестинската милитантна група Хамас и Израел.
По една недела воздушни напади врз Појасот Газа, како одговор на неодамнешниот напад на Хамас, Израел во петокот најави копнени операции во Појасот Газа.
Дотогаш, конфликтот на Блискиот Исток не влијаеше значително на снабдувањето со нафта во светот бидејќи Израел не е голем производител. Сепак, трговците се плашат од ескалација на конфликтот, вмешаност на некои други земји од регионот и размислуваат како тоа може да се одрази на снабдувањето со нафта од целиот тој регион.