Османи: Домашните безбедносни служби ги следат состојбите, информирани сме за зголемувањето на сензитивноста

од Radmila Tasevska
161 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на безбедносната состојба во земјава по подигнувањето на нивото на безбедност во европските држави изјави дека надлежните ја следат ситуацијата, но дека нема конкретни закани.

– Во однос на состојбата во Северна Македонија, тоа е надлежност на домашните служби, постојано сме известени за зголемувањето на сензитивноста без конкретни закани, но исто така сме во постојана координација и ги следиме состојбите преку надворешно политичката комуникација и преку внатрешната комуникација, рече Османи, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференција со австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања, образование и човечки ресурси на Штаерска, Вернер Амон.

Австрискиот министер рече дека безбедносната состојба е напната во сите европски држави и дека е зголемен степенот на безбедност.

– Поради се што се случува, треба да создадеме повеќе безбедност. Безбедносната состојба е напната во сите европски држави и го имаме зголемено нашиот степен на безбедност. Начелно безбедносната состојба е напната и ќе мора да се обезбедат соодветни мерки, рече Амон.

Во однос на тоа дали ќе биде испратена хуманитарна помош во Газа, министерот Османи рече дека кога ќе се создадат услови за тоа, земјата е подготвена за такво нешто.

За брачниот пар кој се наоѓа во Газа, како што информира Османи, нема нови моменти. Се комуницира со нив, но единствениот излез преку Египет е се уште затворен поради што не може да се евакуираат.

Слични содржини