Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска заедно со Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО за Северна Македонија го посетија Здравствен дом Куманово по повод новините во примарната здравствена заштита кои се во тек.
-Новините во примарната здравствена заштита функционираат одлично. Посебен акцент ставивме на вториот сегмент од реформата – од септември матичните лекари добија законска можност да издаваат упати за лабораторија со проширена палета анализи, што претставува големо олеснување за пациентите. Лабораториски испитувања кои се опфатени со реформата се глуциден статус за дијагностика на дијабет, липиден статус за препишување терапија за намалување на мастите, хормонски статус за дијагностика на заболувања на тироидна жлезда и протеински стaтус за следење на пациентите со дијабет. Со ова ги зголемивме дијагностичките можности и мониторирање на хроничните пациенти за петте најчести заболувања и истовремено го враќаме угледот на матичните лекари, рече Меџити.
Во лабораториските услуги од ЛУ1 образецот се опфатени испитувања на глукоза (глукоза толеранс тест), гликозилиран хемоглобин, испитувања на ХДЛ и ЛДЛ холестерол, испитувања на натриум, калиум, тироксин, TSH хормон, како и протеинурија.
Од септември, годинава, се издадени 21.206 лабораториски упати, а матичните лекари од крајот на август досега имаат препишано 70 илјади рецепти за над 48.500 пациенти. Трансформацијата на примарната здравствена заштита е направена врз основа на детална анализа, со поддршка од останатите надлежни институции и во соработка со Светската здравствена организација, за што министерот изрази посебна благодарност до д-р Јохансен.
-Продолжуваме со трансформирање на здравствениот систем, во насока на модернизирање и интегрирање на услугите, за доброто на пациентите. Реформата која ја спроведуваме во ПЗЗ овозможи растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување хронична терапија. Што е најважно со оваа реформа ги заштитивме и пациентите и овозможивме да не се изложуваат на дополнителни трошоци и своите терапии и услуги ги добиваат од своите матични лекари во местото каде живеат, истакна министерот Меџити.
Во врска со разрешување директори на неколку болници, рече дека „него воопшто не го интересира која е индивидуата и од која политичка партија е“.
– Јас сакам стручни, професионални и добри менаџирања. Јас како министер за здравство ги имам под капа сите здравствени установи и нормално како еден добар домаќин морам да се грижам за сите вработени. Нема да дозволам отсега натаму не само во Куманово, туку и низ сите здравствени установи ниту мобинг од менаџерите. За тоа сум многу одговорен и затоа вака ќе постапам и во моето работење, во мојата пракса натаму ќе видите и работи што досега не се видени, нагласи Меџити.
Во врска со тоа што кумановската болница остана без уролог, министерот истакна дека за тоа треба да размислат неговите претходници.
– Знаеме дека тука имаше многу проблеми и претходно со болницата. Јас веќе нема да го дозволам тоа. Ќе напредуваат работите во болницата во Куманово како никогаш досега. Отсега натаму нема да дозволам никакви злоупотреби, луѓе што не менаџираат добро нема да бидат директори, нема веќе да дозволам по пет до десет години да има директори што не работат. Ако сакаме здраво здравство за сите наши пациенти така ќе работиме, а вие сите заедно со мене ќе бидете сведоци и треба да ме поддржите во ова, истакна министерот.
За случајот со онкологија Меџити истакна дека по негова иницијатива бил обелоденет.
– Јас лично како министер собирам аргументи и факти за целото здравство во Македонија и таму каде со години наназад имало злоупотреби јас лично отсега натаму со аргументи, со факти, со документација ќе одам сам и ќе приложам во обвинителството. Ги охрабрувам истражните органи и обвинителството и како прв човек во здравството одвај чекам да се обелодени кој е крив, кој згрешил и според законите да сноси одговорност. Нема да дозволам здравствените работници кои навистина се професионалци, кои се стручни, кои го даваат и својот живот за пациентите некој да ги стави во ист кош со тие што згрешиле, нагласи тој.
Во врска со недостигот на медицински возила, Меџити истакна дека со иницијатива до Владата побарал возила за Итна медицинска помош, и дека добиле донација од Јапонија и од Турција.