Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека се разделила од нејзиниот партнер, телевизискиот новинар Андреа Џамбрун, кој предизвика критики во последните недели поради сексистички коментари искажани во и надвор од етерот.
„Мојата врска со Андреа Џамбрун, која траеше речиси 10 години, завршува тука“, напиша Мелони на своите социјални мрежи.
„Нашите патишта беа разделени веќе некое време и време е тоа да го признаеме“, додаде таа.
Двојката има седумгодишна ќерка.
Џамбруно е водител на информативна програма емитувана од Mediaset, дел од медиумската групација MFE во сопственост на наследниците на покојниот Силвио Берлускони, поранешен премиер и сојузник на Мелони.
Два дена оваа недела беа емитувани клипови од програмата на Џамбруно на кои се гледа како тој непримерно зборува со колешката и изгледа како да ја заведува.
„Зошто не те запознав порано?“, ѝ вели тој.
Во друго, поексплицитно видео емитувано во четвртокот, Џамбруно може да се слушне како се фали за врската и им кажува на колешките дека можат да работат за него само ако се вклучат во групен секс.
Телевизискиот новинар веќе беше жестоко критикуван во август за коментарите во кои тој очигледно ја обвини жртвата по случајот со групно силување.
Мелони по таа епизода изјави дека не треба да ѝ се суди за коментарите на партнерот и дека во иднина нема да одговара на прашања за неговото однесување.