„За мене најдоброто помилување, политичко, национално, општествено, кое ни е потребно, мора да биде врз основа на носење одговорност. Тоа се клучни вредности за кои мора да се обединиме“ рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Трилинг“ на ТВ24.
Тој додаде дека за сите кривични постапки кои се водат во државата, збор треба да имаат исклучиво судските инстанците и ирелевантно е што зборуваат другите.
„Незадоволството на граѓаните треба да биде добро анализирано и да биде артикулирано низ законодавството и функционалноста на институциите, ако сакаме визионерски да размислуваме за иднината на државата,“ рече Спасовски.
Министерот додаде дека не може некој што е моќен, што создал криминален имот, криминални пари да има поголемо влијание во општеството и врз законите од било кој друг граѓанин.
„Ако сакаме правда, таа мора да биде еднаква за сите, без разлика дали се работи за обичен работник или функционер. Секој треба да одговара за стореното“ рече Спасовски.