Научниците од британскиот универзитет во Сари, предводени од микробиологот Симон Крингс, претставија револуционерна боја која би можела да има широк опсег на примена, не само во вселената, туку и на Земјата.
Тоа е Chroococcidiopsis cubana, бактерија која се користи за развој на биооблога која испушта мерливи количества кислород секој ден и во исто време го намалува количеството на јаглерод диоксид во околината. Ова откритие има потенцијална примена во вселенските колонии, но и на Земјата, особено во контекст на заштита на животната средина и заштеда на вода.
„Со зголемување на стакленички гасови, особено CO2, во атмосферата и загриженоста за недостигот на вода поради зголемувањето на глобалните температури, потребни се иновативни, еколошки и одржливи материјали“, рече бактериологот Сузи Хингли-Вилсон од истиот универзитет.
Тоа е облога налик на боја во која се вградени живи бактерии. Оваа биооблога мора да биде издржлива, а во исто време не смее да содржи состојки кои би можеле да им наштетат на бактериите во неa.
Научниците развија начин за мешање на латекс со наночестички од глина со што ги постигнаа овие посакувани својства, безбедно да ги инкапсулираат нивните бактерии.
Откако ја создадоа облогата, неопходно беше да се осигура дека бојата функционира како што е предвидено и дека микробите во неа продолжуваат нормално да се развиваат. Тимот ја набљудуваше облогата 30 дена, мерејќи ги емисиите на кислород и навлегувањето на CO2.
Тие откриле дека облогата редовно ослободува кислород со брзина до 0,4 грама на грам биомаса дневно, и тоа останува константно во текот на месецот. Тоа значи дека секој килограм боја може да произведе до 400 грама кислород. Покрај тоа, облогата апсорбира CO2.
Иако само таа количина кислород можеби не е доволна за колонија на Марс (се проценува дека на тимот астронаути на Марс ќе му требаат околу 500 метрички тони кислород годишно), секоја капка кислород што можете да ја произведете на црвената планета ќе ja намали потребата да се транспортира голема количина кислород од вселената.
„Бактериите Chroococcidiopsis преку фотосинтеза имаат извонредна способност да преживеат во екстремни услови како што се суша и изложеност на високо ниво на УВ зрачење“, рече Симон Крингс, нагласувајќи дека тоа се потенцијални кандидати за идна колонизација на Марс, пренесува Science Alert.