Поранешниот албански премиер и лидер на побројното крило на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, ги повика демократите и опозицијата да ја почнат битката против „режимот на Еди Рама“.
Со видео порака на својата Фејсбук страна, Бериша порачува дека „се ближи часот на победата и затоа мора сите заедно да се бориме против оваа власт која и објави војна на опозицијата и плурализмот во државата”.
– Веќе осум години со најголема жестокост ја употреби својата моќ против Албанците. Не можеме повеќе да ја прифатиме оваа ситуација, со втор Вучиќ во Тирана, со Пашиќ кој зборува албански во Тирана. Сега е време за битка, сега е време истата да ја почнеме, порачува Бериша.
Според него „народ без опозиција, е народ без душа“.
– За секој Албанец, време е да избере меѓу нацијата и знамето, меѓу потчинувањето и понижувањето, вели Бериша во својата видеопорака.
Пораката ја објавува пред утрешната пленарна седница на Парламентот, која беше одложена поради блокадата што ја направија 45 од вкупно 59 пратеници, колку што брои опозицијата.
По овој настан во Парламентот, Бериша изјави дека „тоа што се случи во Собранието со бојкот и блокирање на работата на пленарната седница, е само почеток на бранот протести на опозицијата“, а како форма на протест тој не го исклучи и штрајкот со глад.
Советот за етика при законодавниот дом по десет дена забрана за присуство во собраниската сала им изрече на 23 пратеници, меѓу нив и Бериша.
Координаторот на пратеничката група Газменд Барди и покрај оваа мерка ги повика сите пратеници да се пред собранискатата зграда пола час пред седницата.