Израелските копнени сили денеска напредуваа подлабоко во Појасот Газа. Бригадите Ал Касам, вооруженото крило на палестинското исламистичко движење Хамас, кое го контролира крајбрежниот појас, соопшти дека истрелале противтенковски проектили врз израелските единици во областа Зејтун, југоисточно од Газа, јави ДПА.
Првично, како што посочува Агенцијата, нема информации за жртви.
Борби беа пријавени и од северозападниот дел на крајбрежниот појас, долг само 40 километри и широк меѓу шест и 12 километри.
Видео кое кружи на интернет покажа дека тенк на главниот пат од север кон југ на крајбрежниот појас пука во близина на бел автомобил, по што следеше експлозија.
Според вработен во ДПА на местото на настанот, ова било на околу три километри западно од граничната ограда со Израел. Очевидци исто така пријавиле дека таму виделе блиндиран булдожер.
Армијата утрово објави дека израелските копнени сили повторно го прошириле напредувањето против Хамас, кое трае од петокот навечер.
-Во текот на ноќта беа убиени десетици борци. Непријателот се забарикадирал во згради и тунели и се обидел да ги нападне израелските војници, соопшти израелската армија.
-Авиони и напаѓачки хеликоптери погодија цели кои им беа пренесени од страна на копнените сили, напиша Армијата на платформата „X“. Погодена е зграда на Хамас, во која се засолнуваа повеќе од 20 борци. Покрај тоа, уништени се и противтенковски позиции и други воени постројки, се вели во соопштението.